Дрва и пелети. Тоа се два од најпопуларните енергенси за загревање на домаќинствата во земјава, заедно со електричната енергија и парното. Во очекување цената на струјата да се зголеми, но и неизвесноста колку ќе чинат другите енергенси, граѓаните со кои разговаравме велат дека веќе се во недоумица – на што да се греат следната зима.
„На дрва се греевме, ама сега дали ќе успееме да купиме не знам дрва. Зошто? При треба, многу пари треба“,
вели една жителка на Скопје.
„Не знам што ќе правиме, струјата доаѓа 6000 денари, дрвата исто“,
смета друг граѓанин.
Тие што се греат на пелети и на дрва, нарачките ги прават уште сега. Огревното дрво е единствениот енергенс што не поскапе досега, барем според ценовникот на најголемиот производител – „Национални шуми“. Цената е непроменета од 2014 година, но таа, најверојатно, ќе се зголеми пред оваа грејна сезона – до 20%.
„Како претпријатие, размислуваме на Владата да и понудиме зголемување на нашите цени, но тоа е одлука што ќе ја донесе Владата, а претходно ќе треба да се изјасни Управниот одбор на претпријатието. Нашите размислувања се зголемување на некаде 20 насто на цената на дрвните асортименти, односно производите кои ние ги произведуваме, но тоа ќе биде повторно одлука на Владата. Најголемиот дел од нашето производство е користење на нафтата, односно дизел горивото, бидејќи ние имаме машини што работат на дизел гориво. Во 2014 г. имало други цени на нафтата. Но, со денешната цена од 90 денари или евро ипол од литар дизел – ние, верувајте, произведуваме само загуби со производство на огревното и техничкото дрво“,
вели првиот човек на „Национални шуми“, Валентин Груевски.

Новиот предлог-ценовник ќе биде доставен до Владата, најверојатно, кон крајот на јуни, до кога ќе се прават дополнителни анализи. Ако Владата го прифати тоа што го најавуваат од „Национални шуми“, кубен метар бука, на пример, од 2 890 денари ќе поскапи на околу 3 500 денари. Директорот Груевски, сепак, појаснува – тие што ќе склучат договори пред евентуалната владина одлука, ќе платат по стара цена.
„Оваа година имаме рекордна побарувачка на огревно и техничко дрво и ние сме можеби една од индустријата што не можат да обезбедат толку колку што можат да обезбедат пласман и тоа не навистина реткост во Македонија, но и по оваа цена мислам дека дрвото ќе биде најефтиниот енергенс кој можат да го користат граѓаните“,
вели Груевски.

Повисоките цени на дрвото се само најава, но повисоките цени на пелетите се веќе реалност. Ако минатата година вреќа од 15 килограми се продаваше за 160 до 200 денари, сега чини и над 300 денари.
„Ела пелети“ е компанија во Богданци која произведува пелети од 2019 година. Имаат капацитет на производство од 6 000 тони годишно и планираат да го зголемат за уште 1 000. Но, ги зголемиле и цените, пред се, поради повисоките цени на енергенсите.
„Грејната сезона заврши. Имаше некое зголемување некои 15 насто, може зависи од превозот, до 20 насто. Бидејќи не е ист транспорот на 20 километри и 200 километри. Имаше и до 20 насто, но тоа со самата нафта и струја. Како „Национални шуми“ не е покачена суровината, но е покачена работната рака. Нема работна рака за мали пари. Најголем проблем сега настана со нафтата. Голем дел го работиме со нафтата. Луѓето да сработат треба нафта. Тука најголем дел се зголемувањата. И на електричната струја, лани беше трипати поефтина“,
вели Симо Тренчоски.

Проценките на Симо Тренчоски се дека пелетите ќе поскапат уште еднаш пред зимата. Одговорот на прашањето – за колку, вели ќе зависи од цената на струјата.
„Национални шуми и да има некое поскапување, нема да биде нешто посебно многу. Со струјата, ако е до 10-15 насто, и севкупно ако 20, нема да биде покачен производот 20 насто. Ќе биде 10 насто. Да, ќе има покачување сигурно до крајот на грејната сезона, не во моментот, но не верувам дека ќе биде повеќе од 10 насто“,
смета Тренчоски.

„Ела Пелети“ е компанија која во процесот на производство, од почеток до пакување, користи суровини од македонско потекло. Но, голем дел и од производителите и од трговците се увозно зависни. Генерално, земјава произведува само 20% од побарувачката на пелети на домашниот пазар, а дури 80% се увезува.
Најголем дел од увозот доаѓа од Србија и од Босна и Херцеговина. Владата во Белград, пред само неколку дена, го забрани извозот на дрвни сортименти од суштинско значење за домашната индустрија, вклучувајќи ги и пелетите.
„Поради зголемениот извоз во претходните години и зголемената побарувачка за овој вид гориво на светскиот пазар, недостигот од овие сортименти најмногу ги погоди производителите на пелети и огревно дрво. Привремената забрана за извоз е ограничена на 60 дена“,
се вели во одлуката на Владата на Србија
Таква одлука, уште од март годинава, заговара и Босна и Херцеговина, но се уште не е донесена. Пред неколку дена тамошната влада ги задолжи ресорните министерства во рок од 15 дена да подготват иницијатива, која подоцна ќе ја испратат до Советот на министри на БиХ.
„Имајќи ги предвид постоечките настани со растот на извозот и цената на пелетите, кои секако ќе оневозможат обезбедување на доволна колична од истите со економски прифатлива цена за пазарот на БиХ, сметаме дека е неопходно владата на Федерацијата БиХ да забрани извоз на пелети од државата“,
се вели во официјалното соопштение.

Пелет Центар“ е компанија со 10-годишно искуство во продажба и дистрибуција на пелети. Сопственикот Владимир Стојановски вели дека од почетокот на работата досега не се соочиле со криза како актуелната. И тој не може да исклучи повторно поскапување на пелетите.
„Со последните ситуации, информации за забрана за извоз од Бих и Србија, тоа може да претрпи промена, бидејќи огромен дел од нашите количини ги увезуваме од таму. Бугарија беше исто така извор на Македонија, исто така, како држава од каде увезуваме пелети, но и од таму веќе неколку месеци нема сериозно производство поради проблем со количини на дрвна маса и репроматеријал. Јас не можам конкретно да дадам одговор на тоа јас само може да е надевам дека нема да има понатамошни поскапувања“,
вели Стојановски.

Една од причините за повисоките цени, вели Стојановски, е што уште пред забраните, и Србија и БиХ ги намалиле предвидените количини на дрва за сеча.
„За една кратка илустрација, имаме соработка со една фабрика од Србија, која е најголем производител на Балканот – произведува 80 000 тони пелети. Ние соработуваме со нив 10 години од првиот ден на нашето постоење, ние последниот увоз го имавме на 22 ноември, дури сега после 6 месеци во мај увезовме една мала количина. Кога еден таков капацитет не може да ве следи, ви ја дава конкретната слика“,
смета Стојановски.
Во големата слика за поскапувањето на пелетите Стојановски ја додава и војната на истокот, бидејќи особено Украина била голем снабдувач на пелети за западноевропскиот пазар.
„Во ситуација кога Украина не може да испорача своите капацитети спрема тие држави, тие западноевропски држави почнаа да прават сериозен притисок врз балканските земји, каде ние се снабдуваме со пелет. Тоа се Хрватска, БиХ, Србија како најголеми производители на Балканот и имаме ситуација каде тие земји доаѓаат и не прашуваат за цена, само бараат количина. Во таква ситуација е тешко ние, како мала економија, покрај сите напори контакти и врски и деловни соработки што ги имаме со тие земји, многу тешко доаѓаме до количини. И тие количини до кои доаѓаме се по повисоки цени“,
рече Стојановски.
Летото, можеби, уште не е почнато, но веќе е јасно дека загревањето на домовите во претстојната зима ќе биде поскапо на сите енергенси. Прашање е само – на кој енергенс поскапувањето ќе биде најмало.