Можноста за брза заработка од државните пари наменети за предизборна кампања и фактот дека буквално нема критериуми кои онлајн-медиуми може да добијат дел од овој рекламен колач, доведе до ситуација во која имаме 235 портали што се пријавиле во регистарот на Државната изборна комисија (ДИК), објавува во своето ново истражување порталот „Призма“, издание на БИРН.
Изборите на 12 април ќе бидат вторите на кои државата ќе ги покрива партиските реклами во медиумите, а правилата предвидуваат дека една партија или коалиција може да потроши најмногу 15 илјади евра за промоција во еден портал.
Бројот на пријавени за реклами годинава е за 152 поголем во споредба со претседателските избори лани, кога се регистрирале само 83 портали, пишува „Призма“.
Анализата што БИРН ја направи на регистарот портали во ДИК покажува дека вкупно 92 од пријавените портали немаат јасно истакнат импресум, односно тие медиуми не откриваат кои се новинарите и уредниците што ги изработуваат вестите. Од нив, 44 се информативно-политички портали, а другите покриваат други теми или немаат јасна тематска определба.
Понатаму, за 19 од пријавените нема никаква информација за тоа кои се нивните сопственици или основачи. Регистрирани се во САД, Панама или на други места од фирми што ги кријат нарачателите. Вкупно педесетина не се ни регистрирани со домејнот .mk. Некои од нив дури наликуваат на обични блогови и имаат домејни од типот на .live, .info или само .com.
Има неколку случаи во кои еден ист издавач пријавил повеќе верзии од еден ист портал. Така, на пример, издавачот Прва република го пријавил сајтот Република како три различни портали сосе неговите албанска и англиска верзија. Сличен е случајот и со сајтот на Телевизија 21, кој е пријавен како два портала, еден на албански и еден на македонски.
За да го максимизираат профитот од изборите, националните телевизии Сител, Канал 5, Телма, Алсат М и Алфа и весниците Слободен печат, Нова Македонија и Фокус го пријавиле и својот традиционален медиум, телевизија или весник, и сајтот за државно спонзорирани партиски реклами. Истото го имаат направено и поголем број локални радија и телевизии.
Целиот текст на БИРН тука.