Досега вакво нешто не се случило – велат од Министерството за локална самоуправа откако Советот на Општина Тетово донесе буџет, но не ја усвои годишната сметка за минатата година до 31 март. А, ако годишната сметка не помине до тој датум, Законот за локална самоуправа вели – Советот треба да се распушти. Патем, годишната сметка не беше усвоена затоа што администрацијата предводена од градоначалникот Билал Касами им ја достави на советниците по истекот на рокот. Ќе оди ли Тетово на нови избори неполна година по последните?
Само шест месеци по завршувањето на локалните избори, Советот на најголемата општина во Полошкиот Регион, Тетово, е на чекор до распуштање. Причината, формално, е од административна природа.
Според членот 75, став 4 од Законот за локалната самоуправа, една од околностите за распуштање на кој било општински совет е недонесување на буџетот и годишната сметка на буџетот до 31 март во тековната година.


Советот на Тетово донесе буџет во рокот, но не и годишната сметка за минатата година. Тој документ дојде првпат на седница дури на 7 април, односно една недела по крајниот рок. Но и така, со доцнење, не помина пред советниците. И тоа не поради блокада од опозицијата.

„Ние како советници од ДУИ и дел од опозициските советници гласавме за завршната сметка, додека од блокот на позиција, на коалицијата на мнозинските советници, не гласаа за завршна сметка со барање за дополнителни информации“,
рече Османи.
Блерим Османи е координатор на групата советници на ДУИ, кои се опозиција во Советот. Тој тврди дека кризата во Општината е предизвикана од владејачкото мнозинство.
„Тука паѓаат, што е парадоксално, поради несогласувањата внатре во коалицијата и неспособноста да се менаџира од иста партија која ги има и градоначалникот и претседавачот на Советот, ние сме во една ситуација на застој во Советот на општината и ова мислам дека е несериозно“,
вели Османи.
Претседателот на Советот, кој е од редовите на Беса, потврдува дека има различни ставови во коалицијата. Но, ја спушта топката, со тврдење дека тие разлики во мислењата не се нешто невообичаено.

„Завршната сметка беше еден од факторите што доведе до овој ќор-сокак. Многупати сме имале ставови, би рекол, не слични, туку спротивни ставови или донекаде промена на ставовите со коалициските партнери“,
рече Дурмиши.
Од независната листа „Најдоброто за Тетово“, без чии двајца советници не може да се направи мнозинство во Советот, јасно велат – не гласале „за“ годишната сметка затоа што била поднесена предоцна. Вината за тоа ја гледаат и кај градоначалникот.

„Она што доведе до проблемот има врска со завршната сметка, но не доаѓа од нас, туку доаѓа од непочитување на законските рокови од страна на општинската администрација, односно од страна на градоначалникот“,
рече Абдулахи.
Мнозинството во Советот, кое го сочинуваат Беса, Алијансата за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ и независните од „Најдоброто за Тетово“ формално не е раскинато. Но, овие несогласувања меѓу партијата на Касами и независните советници не се први на јавна сцена. Градоначалникот, при увид во градежни активности на улица во градот пред еден месец беше пресретнат од советникот на „Најдоброто за Тетово“, Хамди Сулејмани. Екоактивистот побара отчет – зошто се исечени дрвјата при реконструкцијата на улицата.

И Беса и независните, сепак, велат дека овој дуел и барањето спорните активности да се стават на дневен ред на општинскиот совет, не се причина за заладување на односите.



„Од советниците од мнозинството имаше предлог како точка на дневен ред да се додаде информација за улицата ‘Страшо Пинџур’, информација до граѓаните, додека јас ценев дека таа точка треба да биде точка на дневен ред, но практично и историски како што функционирала и потребата како што се бараше тој ден, завршната сметка да биде како прва или втора точка од дневниот ред, како најважна.Сметав дека таа точката треба да биде осма од дневниот ред, тоа беше причина што дури и советниците од мнозинството не го поддржаа дневниот ред, како што знаете останаа 15 – 15“,
вели Дурмиши.
„Апсолутно не, тоа беше само еден проблем за кој требаше да се разговара, проблемот на Советот што се случи, не се случи на 10. седница на која требаше да се расправа и да се расчисти работата со улицата ‘Страшо Пинџур’. Тоа се случи на 9. седница на која завршната сметката не беше изгласана, доцнењето на гласањето за завршната сметка доведе до овој проблем во Советот“,
вели Абдулахи.
Бидејќи доцна поднесената сметка не се усвои, градоначалникот Билал Касами веќе го извести Министерството за локална самоуправа – што е обврска според закон. Од ресорот кој го води Горан Милевски од ЛДП велат дека ова е прв ваков случај.
„Ова е прва ваква ситуација, кога Советот го има донесено Буџетот, но не и Годишната сметка за претходната година и од тука прашањето е комплексно. Одлуката ќе ја донесе Владата, земајќи ги предвид и мислењата на надлежните институции, за што согласно Законот за локалната самоуправа има рок од еден месец од приемот на информацијата“,
се вели во одговорот на Министерство за локална самоуправа.

Од Владата за „360 степени“ потврдија дека веќе им е препратен дописот од Општина Тетово и дека роковите течат.
„Во таа насока, сакаме да потврдиме дека дописот е во владина постапка, но досега на одржаните седници не се разговарало во однос на ова прашање.Веднаш по завршување на потребните процедури и донесените заклучоци или решенија јавноста ќе биде навремено информирана”,
се вели во одговорот на Владата.
Нашите соговорници од Советот на Општина Тетово велат дека не сакаат да ги изложуваат граѓаните на нови трошоци и избори. Но, и дека се подготвени и на тој чекор, ако нема алтернатива.



„Движењето Беса никогаш не ги испровоцирало избори, знаејќи ги околностите во кои граѓаните се соочуваат со економската криза, поскапувањето и повикувајќи се на принципот дека во претходните мандати кои беа претходни лидери оставија многу работа до половина многу работи треба да се завршат, но доколку ни се наметнат изборите, убедени сме дека духот на последните избори за градоначалник ќе биде потврдени на изборите за совет“,
вели Дурмиши.
„Секако ќе се натпреваруваме, сега имаме уште повеќе поддржувачи и имаме уште повеќе заинтересирани кои сакаат да се приклучат на листата.Има луѓе со идеали кои веруваат дека работите навистина може да се направат подобро и ситуацијата може да се подобри во овој град“,
вели Абдулахи.
„Не знам колку се спремни граѓаните повторно по пет месеци да излезат на избори, верувам дека ова треба пошироко да се оцени, но дали ќе биде решение, ќе видиме како граѓаните ќе ја дадат пресудата доколку се оди на избори“,
вели Османи.
Според одредбите на Законот за локалната самоуправа, ако советот се распушти, ќе се гласа само за избор на советници, а не и за градоначалник. А од моментот кога ќе се распушти советот до изборот на нов, со советот раководи градоначалникот.

Во случајот на Тетово, тоа ќе значи дека Советот, барем привремено, ќе го управува градоначалникот Билал Касами – истиот, чија администрација задоцни со доставување на годишната сметка до Советот, поради што Советот се распушта.