Неколку часа пред доаѓањето на делегацијата на СПЦ, во Соборниот храм луѓе од црквата чистеа и ги средуваа последните детали потребни за денешниот пречек. Во дворот на храмот и неговата околина, пак, последни подготовки вршеа вработени од Јавното комунално претпријатие
Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје претпладнево беше мирно, но работно. Се вршеа последните подготовки во дворот и во внатрешноста на храмот во пресрет на доаѓањето на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ) г.г. Порфириј и српската делегација по повод заедничката литургија со поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан која треба да се одржи утре, токму во Соборниот храм.
Внатре во храмот беа ангажирани луѓе од црквата кои чистеа и ги средуваа последните детали потребни за денешниот пречек и за утрешната заедничка литургија. Во дворот на храмот и неговата околина, пак, последни подготовки вршеа вработени од Јавното комунално претпријатие.
Според разговорот што го имавме со црковно лице пред Соборниот храм, пристигнувањето на српската делегација се очекува да биде околу 17 часот.
Пречекот на делегацијата на СПЦ предводена од патријархот Порфириј, како што претходно изјави свештеникот Бобан Митевски, бара посебно внимание, гостопримство на ниво, но и запазување на сите правила кои ги пропишува и преданието на православната црква.
Српската делегација, според отец Митевски, ќе ја сочинуваат дваесет лица, од кои најверојатно осуммина ќе бидат владици на СПЦ, а заедничката литургија која ќе се одржи утре наутро од девет часот во Соборниот храм ќе ја предводат поглаварите Стефан и Порфириј, а ќе сослужуваат сите владици на МПЦ-ОА и на СПЦ.
Посетата на поглаварот на СПЦ, Порфириј, во Скопје следува по заедничката литургија на помирување што се одржа минатата недела во храмот „Свети Сава“ во Белград, а која, исто така, ја сослужуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот Стефан. Со литургијата беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристичкото општење.
Заедничките литургии во Белград и Скопје следуваат откако на 9 месецов, Вселенската патријаршија донесе одлука за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет.