Министерот ги соопшти и проекциите за инфлацијата која се очекува годинава да биде на ниво од 7,2 отсто, но вели дека се очекува си стабилизирање на ценовните притисоци
Ребалансот на Буџетот ги промени проекциите за економски раст, па сега очекувањата се дека растот на БДП во текот на 2022 година ќе биде 3,2 процентни поени што е 1,4 процентни поени помалку од проекциите кои беа правени кога се носеше буџетот.
Предвидено е и зголемување на дефицитот. Тој е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари односно 5,3 отсто од БДП, а тоа е за 9,1 милијарда денари (околу 150 милиони евра) повеќе во однос на првичниот буџет.
Овие податоци денеска на прес-конференција ги изнесе министерот за финансии, Фатмир Бесими, презентирајќи го ребалансот на Буџетот што вчера помина на владина седница и веднаш беше испратен во Собранието за усвојување.

„Приходи со ребалансот се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции … Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоки за 5,9 отсто односно за околу 16,1 милијарда денари во однос на иницијалните проекции“,
кажа Бесими на прес конференцијата.
Дефицитот, но и отплатата на долговите, ќе се покрива со задолжување кое, како што најави Бесими, ќе бидат на домашниот пазар – 21,6 милијарди денари и на меѓународниот пазар – 59,3 милијарди денари.
Министерот ги соопшти и проекциите за инфлацијата која се очекува годинава да биде на ниво од 7,2 отсто, но вели дека се очекува си стабилизирање на ценовните притисоци.
„Стапката на инфлација во текот на 2022 година е проектирана на ниво од 7,2 отсто што претставува интензивирање на ценовниот пораст споредено со 2021 година. Тука ќе напоменам дека и меѓународните финансиски институции очекуваат во втората половина од годината умерено и постепено да се стабилизираат ценовните притисоци додека догодина да дојде и до целосна стабилизација на истите“,
рече Бесими.

Бесими: Побарувачката ќе биде главен двигател на растот на БДП
Образложувајќи го очекуваниот раст од 3,2 процентни поени на БДП, Бесими кажа дека очекувањата се главен двигател на тоа да биде побарувачката за која е проектиран раст од 3,3 процентни поени.
„Се очекува побарувачката да биде главен двигател на растот при што приватната потрошувачка се проектира со раст од 3,3 отсто. Влијанието на ценовните притисоци врз доходот на домаќинствата ќе биде неутрализиран преку зголемената минимална плата, зголемените пензии и други владини мерки …“,
рече Бесими.
Очекувањата се дека ќе има раст и на побарувачката на работна сила со што вработеноста кај населението би се зголемила за 1,6 отсто.
„Годинава се очекува и раст на побарувачката на работната сила поттикната преку активните мерки и програми за вработување. Според основното макроекономско сценарио растот на бројот на вработени е проектиран на 1,6 отсто што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,9 отсто, а стапката на невработеност да се намали на 14,5 отсто. Нето платата се очекува забрзано да расте со проекција од 11 отсто во текот на 2022 во услови на покачување на минималната плата за 18,4 отсто во март, зголемување на платите во образованието и пораст на платите во информациската и комуникациската дејност, служни и научни дејности“,
рече Бесими.

Според министерот, ребалансот на буџетот е навремен и фискално одговара на тековните случувања што ќе овозможи заздравување на економијата од пандемијата, но и поддршка на граѓаните во екотот на глобалната ценовна и економска криза.
При презентацијата, тој посочи и на предвидените пари за поддршка во справувањето со кризата, па така напомена дека има 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните, дополнителни 3,2 милијарди денари за стимулирање на ценовните притисоци, а ги спомена и планираните покачувања на пензиите и платите, како и субвенциите за новата минимална плата која почна да важи од март годинава.

Во буџетот, како што рече Бесими, се оставаат и дополнителни пари за да се зголемат депозитите на државата во наредниот период со оглед на неизвесноста што се создава на пазарите со војната во Украина и енергетската криза.