На дебатата присуствуваа претставници на меѓународната заедница, Владата, граѓанските организации, бранителите на човековите права, меѓупартиската парламентарна група за поддршка на правата на ЛГБТИ+ луѓето, а се опфатија теми поврзани со законот за правно признавање на родот и (не)реагирањето на институциите во однос на препораките од телата за човекови права

Вчера, по повод 17 Мај, евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, првата дама г-ѓа Елизабета Ѓорѓиевска и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз, учествуваа на панел-дебата за одбележување на Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата (ИДАХОТ).
На дебатата присуствуваа претставници на меѓународната заедница, владата, граѓанските организации, бранителите на човековите права, меѓупартиската парламентарна група за поддршка на правата на ЛГБТИ+ луѓето. Се опфатија теми поврзани со законот за правно признавање на родот и (не) реагирањето на институциите во однос на препораките од телата за човекови права, а коалицијата „Маргини“ имаше презентација на наодите од истражувањето за дискриминацијата, здравјето и односите во рамките на ЛГБТИ-заедницата.
Евроамбасадорот Гир ја искористи приликата за уште еднаш да ја нагласи посветеноста на Европската Унија кон принципот на универзалност на човековите права. Тој потврди дека никој не може да се повикува на културните, традиционалните или религиозните вредности за да оправда каква било форма на дискриминација, вклучително и дискриминација на ЛГБТИ лицата.

Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, пак, изјави дека Соединетите Држави се меѓу светските лидери во унапредување на правата на ЛГБТИ-поединците и оти им е чест што заедно со партнерите во Северна Македонија и ЕУ можат да обезбедат проширување на можностите и минимизирање и елиминирање на вознемирувањето и предрасудите.
„Верувам дека недвосмислената посветеност на основните човекови права, самоопределувањето и вклучувањето на ЛГБТИ+ луѓето може да биде дел од важната работа што претстои“,
рече амбасадорката Брнз.
Првата дамa, г-ѓа Елизабета Ѓорѓиевска порача оти е потребно сите заеднички да работиме на унапредување на правата на секоја заедница, а особено кога станува збор за ранливите заедници.
„Еднаквоста во уживањето на основните права, пристапот до правдата, социјалната и здравствената заштита, еднаквите можности при образование и вработување се потребни, за да овозможиме секој член на нашата заедница, без разлика на сексуалната ориентација и родовиот идентитет да има предвидлива и стабилна иднина“,
истакна првата дама, Елизабета Ѓорѓиевска.