Обвинителите, пак, уште пред еден месец во заедничка изјава порачаа дека нивното постапување е законито и го вперија прстот кон тие што ги пријавиле – Државното правобранителство. Како што порачаа тие, обвинителството има надлежност да го лоцира имотот и да побара од судот негово замрзнување, а на крајот од судскиот процес и да побара конфискација. Понатаму, постапката за заштита на имотните интереси на државата надвор од кривичниот прогон, порачаа тие, е во надлежност на Државното правобранителство
Државното правобранителство од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) побарало да донесе одлука за суспензија на обвинителите Гаврил Бубевски и Артан Ајро, кои беа дел од поранешното СЈО, поради сомневања за судир на интереси во врска со случајот „Трансмет“ поврзано со конфискацијата на имот од судскиот процес „Труст“. Меѓутоа, од ДКСК порачаа дека Антикорупциска нема таква надлежниот и оти забрана за привремено вршење на јавнообвинителска дејност согласно закон може да изрече јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Владимир Георгиев, член на ДКСК, појасни дека Државното правобранителство до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција ја информирал Комисијата оти поднело кривична пријава против Гаврил Бубевски и Артан Ајро за кривични дела во предметот „Трансмет“.
„Државното правобранителство според пријавата имало сознанија дека во ОЈО Скопје се води постапка околу имотот на ’Трансмет‘ и стечајот и затоа има сомневање на постоење на судир на интереси на обвинителите ги прибавувале сите предмети и стечајниот предмет. Оттука, Државното правобранителство смета дека постои опасност овие лица да ја доведат во опасност целата постапка која е отворена против нив и од ДКСК бара веднаш тие да бидат суспендирани од нивната положба до завршување на целокупната постапка“,
рече Георгиев на денешната седница на ДКСК.
Тој додаде дека по разгледување на наводите во пријавата и во однос на тоа како е дефиниран судирот на интереси, во случајот повеќе станува збор за изрекување забрана, бидејќи, како што истакна, по вакви постапувања треба да се донесе стручна забрана доколку е вмешано лицето против кого се води постапка.
„Дополнително на ова во Законот за ЈО член 81 став 3 се вели дека одлука за оддалечување од вршење на јавнообвинителската функција донесува Јавниот обвинител на РСМ со образложение за суспензијата на јавнообвинителската функција. Основаноста на барањето за суспензија може да ја цени само ЈО на РСМ и да донесе таква одлука. Сметаме дека ние како ДКСК немаме ингеренции за надлежно постапување“,
истакна членот на ДКСК, Георгиев.
Претходно, како што веќе е познато, Државното правобранителство поднесе и кривична пријава против двајцата обвинители од поранешното СЈО, како и против Арафат Муареми, поранешен истражител во СЈО, сега директор на Управата за финансиска полиција и поранешниот сопственик на „Трансмет“, Сеад Кочан.
Обвинителите, пак, тогаш одговорија дека нивното постапување е законито и го вперија прстот кон тие што ги пријавија – Државното правобранителство.
„Во предметот ’Труст‘, во кој постапувавме како надлежни јавни обвинители, ги презедовме сите мерки и активности во наша надлежност. Задача на обвинителството е да ја лоцира имотната корист, да побара од судот нејзино замрзнување и на крајот на судската постапка да предложи нејзина конфискација. Согласно член 202 став 11 и член 541 став 5 од Законот за кривична постапка, сите дејствија врз имотот и предметите што се предмет на обезбедување, а кои се преземени по поднесувањето на барањето за привремена мерка, како што е во овој случај, се ништовни. Постапката за заштита на имотните интереси на државата надвор од кривичниот прогон е во надлежност на Државното правобранителство“,
порачаа Бубевски и Ајро во заедничка изјава пред еден месец.