Неодамнешниот попис откри дека во дури 66 од вкупно 80 општини во земјава има намалување на резидентното население. Меѓу нив постојат и екстремни примери со 40 отсто помалку луѓе од пред две децении. Една последица, како што покажуваат примерите со Маврово и Ростуша и со Центар Жупа, е неможноста да се избере градоначалник, дури и кога дел од дијаспората ќе реши да дојде да гласа, зашто условот за успешни избори е во првиот круг да гласаат барем една третина од регистрираните во списокот.

Ова не се кадри од алпски држави, туку од Центар Жупа. Дала природата, дава земјата, а и новите, големи куќи, асоцираат на просперитет. Но, куќите се празни.



„Некој ќе дојде од страна, ќе гледа убави куќи, едно-друго ќе речеш, ова место е богато, меѓутоа штом нема луѓе е џабе.“
рече еден жител на Центар Жупа.
„Јас сум сам, децата мои, внуци, правнуци – 50 души. Сите се таму“
вели друг жител на Центар Жупа.
„Си бегаат за пари, нема без пари, гладен да си.“
рече еден жител на Центар Жупа.

Не е тајна дека Центар Жупа е печалбарски крај, какви што стануваат се повеќе делови од државата.
Во оваа општина, на пописот во 2002 година, биле избројани 6 519 жители, а лани 3 720. Или, за две децении, бројот на жители се намалил за 43%.

Проблемот тука е толку голем што нема доволно луѓе за да се избере градоначалник. За тоа да се случи, во првиот круг на гласање мора да излезе најмалку една третина од гласачите што е речиси невозможно. Зошто?
Затоа што на избирачкиот список во општина Центар Жупа, каде се запишуваат сите државјани со право на глас, независно дали се во земјата или во странство, има 7 313 гласачи. А, вкупното резидентно население, како што споменавме, е 3 720, што е едвај половина од бројот на гласачи. А и меѓу тие 3 720, околу 20% се лица кои немаат наполнето 18 години и со тоа немаат право на глас.

Со други зборови, цензусот се постигнува тешко дури и ако на избори излезат сите гласачи кои реално живеат во општината. Токму поради немање цензус, Центар Жупа не избра градоначалник во октомври и сега има владин повереник, кој всушност е градоначалникот избран во 2017 година.

За него, единствено решение е цензусот да се пресметува од резидентното население, а не од бројот на гласачи во избирачкиот список.

„Ако се земе резидетното население 3800 во нашата општина, една третина население би требало да биде околу 1200-1300 со што секогаш ќе имаме успешни избори, со тоа што на нашите печалбари да им се даде посебна листа, тие што ќе се пријават дека ќе учествуваат на изборите и тие да учествуваат во формулирањето на цензусот.“
рече Ибраим.
Зошто е важно трајно решение, покажаа повторените избори. Општината бираше градоначалник и во април годинава, но и тој избор пропадна и покрај тоа што допатуваа околу 700 иселеници.
„Нашиот повик беше позитивно прифатен, нашите печалбари се самоорганизираа и дојдоа, по некои наши претпоставки, околу 700 печалбари што по сите математики беше доволно за успешни избори.Меѓутоа,за жал, од непознати причини, само ним – на спротивната страна познати причини, после 11 часот на денот на изборите осетивме еден пасивен бојкот од спротивната страна што се покажа по 19 часот дека успеаја да ги направат неуспешни изборите, фалеа околу 200 гласа и со тоа не успеавме повторно да го исполниме цензусот.”
вели Ибраим.

Само Дебар ја дели Центар Жупа од Маврово и Ростуша. Другото е речиси исто. Убава природа, нови и празни куќи.


„Младите сите замина странство, западот, нема овде просперитет, тоа е и затоа нема цензус.“
рече жител на Маврово-Ростуше.
„Внуци, правнуци, дедо и прадедо сум на 14-15 внуци.
-Ви недостигаат внуците?
Аууу, сега ми се плаче“
вели жител на Маврово-Ростуше.
Во 2002 година во Маврово и Ростуша биле избројани 8 618 жители. На последниот попис, резиденти се 5 042 лица. Тоа е 42% помалку население за само две децении.


„Според мене е, нели сега имаше скоро попис на населението, каде што населението се попишуваше на резидентно и нерезидетно население.Може да се размислува да се смета цензусот само на резидентното население додека нерезидетното население да има право да дојде и да гласа, но да не влегува во цензусот.“
вели Куртовски.
Во Маврово и Ростуша немаше повторени избори како во Центар Жупа.

„Така на 17 април беа закажани повторените избори во нашата општина, на тие избори јас како кандидат на СДСМ и коалицијата поднесовме кандидатура за избор на градоначалник, но немаше ниедна друга канидатура односно противничкиот кандидат од ВМРО ДПМНЕ не поднесе кандидатура односно политичката партија не поднесе кандидатура и очекувавме дека ќе има бојкот од нивната страна и заради тоа и ние се решивме да ја повлечеме нашата кандидатура и заради тоа немаше избори на 17 април.”
рече Куртовски.
Искуството од двете општини покажува дека во нив е останато толку малку население што не може да се избере градоначалник во регуларна процедура. А дури и да се вратат дел од печалбарите, доволен е бојкот од една партија за изборниот процес да се блокира.


Проблемот само ќе се зголемува. Бројките од минатите локални избори покажаа дека има се повеќе општини кои се ближат до црвената зона на цензусот од 33,33% при избор на градоначалник.

Овие и бројките од пописот се јасен аларм дека или треба да се менува општинската карта на земјата или Изборниот законик. Што планира државата, прашавме во Министерството за правда.
„Во врска со Вашето барање, Ве известиме дека во претстојниот период ќе се формира работна група за изготвување на нов Изборен законик, каде што детално ќе бидат разгледани прашањата кои се однесуваат на процесите за избори во Република Северна Македонија.“
се вели во одговорот на Министерство за правда.
Според доцентот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Марко Кртолица, решение е потребно и тоа час поскоро.

„Се поставува прашањето – која е тогаш логиката на постоењето на втор изборен круг доколку целиот изборен процес го минираме во вториот изборен круг само заради податокот дека немаме излезност од една третина.“
вели Кртолица.
Затоа, аргументира Кртолица, цензусот за избор на градоначалник треба да се избрише. Но, дали тоа ќе влијае на легитимитетот на тој што ќе биде избран?
„Ако толку навистина сакаме да продуцираме кандидат со силен легитимитет тогаш логично би било да бараме излезност половина плус 1. Тогаш ќе може да кажеме дека навистина мнозинството партиципирало на изборите. Вака, со една третина, повторно не го добиваме посакуваниот легитимитет во таа смисла.“
рече Кртолица.
Пораката на Кртолица е јасна – цензусот да се избрише не само за двете општини да можат да изберат градоначалник, туку и проблемот да не се зголеми при следните локални избори.
А кога ќе се реши тоа прашање, ќе остане вистинскиот проблем чии последици се почесто ќе се гледаат.




„Што треба да се направи – ништо. Што знам што да викам, многу е проблем со економијата, индустрија нема.“
вели жител на Маврово-Ростуше.
„Жупа да имаше барем илјада души вработени, ќе беше добро. Како мене, еве децата ми се таму и сега јас каде ќе одам со старана.“
рече жител на Центар Жупа.
„Секој за своето место жали, меѓутоа – ете, среќни знаат на 1-ви парите му се во банка, ќе се прави математика, жената запослена, тој запослен, децата си завршуваат школо, факултети.“
вели жител на Центар Жупа.
„Како ќе се постигне цензус кога нема луѓе, тие луѓе што живеат овде во овој крај се се иселени, останавме пензионери и најбедните луѓе. И овие наши што се во странство иселени времено и нема шанса да се вратат. За младите нема никава перспектива.“
рече жител на Маврово-Ростуше.