Повеќе од 120 луѓе биле спасени од челичарницата Азовстал и соседните куќи во Мариупол во периодот од 30 април и 1 мај, во рамките на ослобудвање на цивили заробени во оваа фабрика, соопшти руското Министерство за одбрана.
Како што се вели во соопштението, на иницијатива на рускиот претседател Владимир Путин, изведена е операција за „ослободување цивили кои украинските националисти ги држеле во Мариупол, во челичарницата Азовстал“, пренесе Тасс.
На 30 април, според податоците на руското Министерство за одбрана, биле евакуирани вкупно 46 лица од Мариупол, а оттаму додаваат дека сите тие доброволно одлучиле да останат во самопрогласената Донецка Народна Република.
Во текот на вториот ден од оваа операција, на 1 мај, Русите тврдат дека ослободиле уште 80 цивили на кои им биле понудени престој, медицинска помош и храна.
Украинскиот претседател пак, Володмир Зеленски, во изјава за грчките медиуми изјави дека многу луѓе евакуирани од Руските сили се однесени во Русија без нивна согласност, како и дека тие не располагаат со никакви информации за тоа што се случува со нив.