Во моментов, без однапред обезбедена виза, од земјава може да се патува во вкупно 125 држави и територии
Македонскиот пасош веќе неколку години е во горната половина на рангирањето за најмоќен пасош на светот
Македонскиот пасош е 44. по „моќност“ во светот, покажа последното истражувањето изработено од организацијата „Хенли енд партнерс“, а врз основа на ексклузивните податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен превоз (ИАТА) – најголемата база на податоци за патувања. Во рангирањето се земени превид вкупно 199 пасоши кои се рангирани од 1. до 112. место, бидејќи дел од пасошите ја делат позицијата.
Рангирањето на пасоши, според индексот на „Хенли“, се врши според тоа на колку дестинации може да се патува со одреден пасош, без притоа да се бара претходно обезбедена виза.
Минатата година македонскиот пасош бил рангиран на 47. позиција според индексот на моќност на пасоши во светот, а во 2020 година бил на 44. позиција – истата позиција како и оваа година. Најдобриот ранг, според индексот на пасоши „Хенли“, македонскиот пасош го имал во 2014 година кога бил на 36. позиција.
Што значи рангирањето на 44. позиција за македонскиот пасош
Рангот на македонскиот пасош на 44. позиција значи дека граѓаните што го поседуваат можат да влезат во 125 земји без виза или со виза при пристигнување. Од тие 125 земји, во 90 од нив може да се влезе само со македонски пасош, односно не е потребна виза при влегување во земјата. Во 35 земји, пак, во кои е овозможен влез со македонски пасош, потребна е и виза, но таа се вади во брза постапка при пристигнување во земјата.
За разлика од овие земји, за влез во преостанатите 101 дестинација во светот, македонскиот пасош не е доволен, односно потребно е да се извади виза однапред, пред пристигнување во земјата.
Европа
Со 44. позиција на ранг-листата според индексот на пасоши во светот објавен од „Хенли“, македонскиот пасош релативно добро котира на европскиот континент. Според мапата, државите што се обележани со зелена боја (сите земји членки на ЕУ освен Ирска) се државите во кои влезот за македонските државјани е слободен, односно за влез е потребен само пасош, а не и виза. За разлика од нив, пак, за пристапот во државите што се обележани со црвена боја на мапата (Ирска, Велика Британија, Русија, Грузија, Азербејџан и Гибралтар) македонскиот пасош не доволен, односно потребно е однапред да се извади виза.
Америка (Северна, Јужна, Централна)
Пристапот само со македонски пасош во поголемиот дел од Северна Америка е главно невозможен, односно за влез на поголемиот дел од територијата на континентот е потребно да се извади виза пред пристигнување (Канада, САД, Мексико…). Во земјите од Карипските Острови, кои се водат под територијата на Северна Америка, пристапот само со македонски пасош без виза е возможен во Куба, Хаити, Бахами, Доминика, Доминиканска Република, Св. Винсент и Гренадини, Св. Китс и Невис, Св. Мартин, Куракао, Аруба и други. Во Јамајка, пак, возможен е влез со македонски пасош, но потребно е да се извади виза на граница, односно при самиот влез во земјата.
За разлика од Северна Америка, поголем дел од земјите во Јужна Америка овозможуваат пристап само со македонски пасош. Па така, пристап до Аргентина, Бразил, Еквадор, Колумбија, Перу, Чиле, Француска Гвајана може да се овозможи со македонскиот пасош, без виза, додека во Боливија – земјата од Јужна Америка означена со жолта боја на мапата – возможен е влез за македонски државјани со виза при пристигнување во земјата. За влез на македонски државјани во Венецуела, Уругвај, Парагвај, Суринами и Гвајана е потребна виза пред пристигнување.
Од земјите во Централна Америка, без виза, само со македонски пасош, пристапот е овозможен во Гватемала, Хондурас, Ел Салвадор, Никарагва и Панама. За патување во Белизе и Костарика е потребно однапред да се извади виза.
Азија
Азискиот континент, главно, не е лесно достапен за македонските државјани, односно за влез во поголемиот дел од земјите означени со црвена боја на мапата е потребно однапред да се обезбеди виза. Во дел од земјите, пак, кои овозможуваат влез, а се означени со жолта боја на мапата, потребно е да се обезбеди виза при самото пристигнување, односно во Бангладеш, Камбоџа, Киргистан, Лаос, Малдиви, Непал, Шри Ланка, Тајван, Источен Тимор и Иран.
Во земјите означени со зелена боја на мапата, односно Јапонија, Индонезија, Хонгконг, Макао, Малезија, Сингапур и Узбекистан не е потребна виза, односно може да се влезе само со македонски пасош.
Африка
Единствените четири територии на африканскиот континент кои овозможуваат влез само со македонски пасош, а се означени со зелена боја на мапата се француската територија Мајот, Реунион, Гамбија и Тунис. Во другите земји означени со жолта боја на мапата пристапот е возможен, но со обезбедување виза при влез во државата. Такви се, на пример, Египет, Мадагаскар и Сејшели. Во земјите, пак, означени со црвена боја на мапата е потребна виза пред пристигнување, на пример, во Алжир, Мароко и Јужноафриканска Република.
За Западна Сахара, која се наоѓа во Северозападна Африка, а е означена со сива боја на мапата, немаше соодветни податоци на веб-страницата за индекс на пасоши „Хенли“. Станува збор за една од најслабо населените територии во светот поради нејзината пустинска клима, но и најголемата територија во светот со „спорна“ управа. Поголем дел од земјата е под управа на Мароко, а остатокот се бори за меѓународно признавање.
Во Австралија и Нов Зеланд за македонски државјани не е возможен влез без виза.
Колку се моќни пасошите од земјите во регионот?
Во споредба со пасошите од земјите во регионот, кои не се дел од Европската Унија, македонскиот пасош има релативно позитивен рејтинг. Единствената земја од регионот која не е членка во ЕУ, а има подобар пласман од македонскиот пасош е соседна Србија, чиј пасош е рангиран на 37. место според индексот на пасоши „Хенли“, што значи дека со него може да се патува во 136 земји во светот без виза или со виза при пристигнување.
По српскиот, следува македонскиот пасош кој е на 44. позиција, а едно место подолу од рангот на македонскиот е црногорскиот пасош, кој се наоѓа на 45. позиција од рангирањето. Според тоа, со црногорски пасош може да се влезе во две земји помалку отколку со македонскиот, односно во 123 земји. По црногорскиот, следуваат пасошите на Босна и Херцеговина на 49. позиција од ранг-листата и албанскиот на 51. позиција од рангирањето.
Најлош ранг од земјите во регионот кои не се членки на ЕУ има косовскиот пасош кој се наоѓа на 104. позиција на ранг-листата од вкупно 112 позиции во светот. Оваа позиција косовскиот пасош ја дели заедно со либискиот и пасошот на Бангладеш, а според рангот државјаните на овие три земји, само со пасош, без виза, можат да влезат во 40 земји во светот.
Во однос на земјите од регионот кои, пак, се членки во Европската Унија, најдобро рангиран е пасошот на соседна Грција, кој се наоѓа на седмата позиција. Оваа позиција значи дека грчките државјани само со пасош или со виза при пристигнување можат да влезат во 185 земји во светот. Освен грчкиот, на седмата позиција се рангирани и канадскиот, австралискиот, чешкиот и пасошот на Малта.
Бугарскиот пасош е рангиран за десет позиции подолу од грчкиот, односно на 17. позиција. Освен бугарскиот, на оваа позиција е рангиран уште еден пасош од земја во регионот која е членка на Европската Унија – Хрватска. Според рангирањето, бугарскиот и хрватскиот пасош овозможуваат пристап до 173 земји во кои не е потребна виза или се вади виза при пристигнување.
Споредба помеѓу македонскиот и бугарскиот пасош
Според индексот на пасоши „Хенли“, во 2022 година бугарскиот пасош е подобро рангиран од македонскиот за 27 позиции, односно за 48 земји повеќе во кои бугарските државјани можат да пристапат само со пасош или со виза при пристигнување во земјата.
Во однос на македонскиот, бугарскиот пасош „води“ за три европски држави повеќе, чиј влез бугарските државјани можат да го обезбедат само со бугарскиот пасош, без виза. Тоа значи дека за разлика од македонскиот, бугарскиот пасош е доволен за влез во крајниот запад на Европа, односно Ирска и Велика Британија и крајниот европски исток – Грузија. За влез во Руската Федерација и Азербејџан, пак, и бугарските и државјаните на Северна Македонија е потребно да извадат виза.
Од азиските земји, на пример, со бугарскиот пасош може да се влезе и во Јужна Кореја – земја каде што македонски пасош „не поминува“, односно потребна е виза пред пристигнување.
Во однос на американскиот континент, македонскиот пасош не поминува во Мексико, односно за влез во земјата е потребна виза пред пристигнување. Од друга страна, пак, бугарските државјани можат да влезат во Мексико без претходно да обезбедат виза за влез.
Во Нов Зеланд, бугарските државјани можат да влезат со виза при пристигнување во земјата, за разлика од македонските, кои мораат да извадат виза пред пристигнување во земјата. Во Австралија, пак, не поминуваат ниту македонскиот ниту бугарскиот пасош, а за влез е потребна виза пред пристигнување.
Кои пасоши се на врвот, а кои на дното на ранг-листата
Високо на ранг-листата, на првата позиција според рангирањето на пасошкиот индекс од 2022 според „Хенли“, се Јапонија и Сингапур. Според позицијата, лицата со јапонски или сингапурски пасош можат слободно да влезат во 193 држави ширум светот или да влезат со виза при пристигнување во земјата.
Во првите 10 позиции од рангирањето, главно доминираат земјите од Европа.
1 – Јапонија, Сингапур (192 земји)
2 – Германија, Јужна Кореја (190 земји)
3 – Финска, Италија, Луксембург, Шпанија (189 земји)
4 – Австрија, Данска, Холандија, Шведска (188 земји)
5 – Франција, Ирска, Португалија, Велика Британија (187 земји)
6 – Белгија, Нов Зеланд, Норвешка, Швајцарија, САД (186 земји)
7 – Канада, Австралија, Чешка, Грција, Малта (185 земји)
8 – Унгарија (183 земји)
9 – Литванија, Полска, Словачка (182 земја)
10 – Естонија, Латвија, Словенија (181 земја)
На дното на ранг-листата, според моќноста на пасоши во 2022 година, главно се наоѓаат земји од азискиот и африканскиот континент. Освен пасошите од земји од Африка и Азија, на последните десет позиции се наоѓа и косовскиот пасош, рангиран на 104. позиција, заедно со либискиот и пасошот на Бангладеш. Според тоа, државјаните од овие три земји можат да посетат вкупно 40 држави во кои не им е потребна виза или е потребна виза при пристигнување.
103 – Либан, Шри Ланка, Судан (41 земја)
104 – Бангладеш, Косово, Либија (40 земји)
105 – Северна Кореја (39 земји)
106 – Непал, Палестина (37 земји)
107 – Сомалија (34 земји)
108 – Јемен (33 земји)
109 – Пакистан (31 земја)
110 – Сирија (29 земји)
111 – Ирак (28 земји)
112 – Авганистан (26 земји)