Деталниот урбанистички план за „Шик Јелак“, според кој на просторот на поранешната фабрика во Тетово треба да никнат 27 згради и 4 трговски единици, повторно е жешка тема. На институционално ниво, Министерството за транспорт не се согласува со општина Тетово која минатата недела го суспендираше деталниот план
Поради суспензијата, се заплеткаа и сметките за купопродажба на делот од земјиштето на локацијата кое е во приватни раце. Откривме дека советници на двете страни вклучени во потенцијалниот купопродажен договор се поранешниот правен застапник на премиерот Зоран Заев, адвокатот Ване Андреев, од една страна, и адвокатската канцеларија на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, од друга
Вака, од птичја перспектива, изгледа просторот на влезот од Тетово кога се доаѓа од Скопје. На 20 хектари распослан е имот во кој значаен удел се уште има државата – просторот на двата поранешни државни загубари, „Монопол“ и „Шик Јелак“, старата спортска сала и паркот кој не се одржува.

Токму на оваа површина, иницијативата „Тетово сака парк“ бара од локалната власт да направи градска зелена оаза. Процесот го почнаа 60-ина истакнати тетовци, а го поддржаа околу 3 000 граѓани.

„Во 21 век, кога светот драматично брзо се развива, да зборуваме за утврдување на намена парковска на дел од јавно добро на државна сопственост, па дури и мешовита сопственост, само затоа што тоа е веќе потреба станата на градот – каде не’ води тоа, што кажува тоа за нас, доколку тоа е огледало на тоа што сме ние, какво општество сме ние?“,
прашува Даријан Сотировски од иницијативата „Тетово сака парк“.
За иницијаторите, овој простор е последно неизградено градско ткиво кое може да се обедини во парк. Според архитектот Благоја Ристовски, тоа не е невозможно, бидејќи 87 насто од просторот и припаѓа на државата, а само 13 отсто е во приватни раце.

„Кога ние го уредуваме просоторот, ние уредуваме всушност живеење и ги уредуваме потребите на луѓето. Затоа всушност и јавниот интерес го имаме како посебна точка во законот за урбанистичко планирање. Таму е дефинирано дека јавниот интерес задолжително се штити при планирањето на просторот, додека приватниот додека приватниот интерес е заштитен со закон“,
вели архитектот Благоја Ристовски.
Иницијативата „Тетово сака парк“ се формираше на 21 февруари годинава. Активистите се сретнаа и со советниците во општина Тетово, на кои им го презентираа барањето. За независниот советник, Хамди Сулејмани, идејата е прекрасна, но тешка за реализација.

Причината за тоа, смета Сулејмани, е што приватната сопственост на посочените локации е многу поголема, бидејќи имотите не се запишани во Катастарот и за нив се водат процеси за дооформување и приватизација на земјиштето.
„За да се експроприра тоа земјиште, општина Тетово треба да има 60 милиони евра за да го обезбеди и направи парк, а Тетово е општина со 24 милиони евра долг. И замислете, 10 години не може да се отвори булевар кој не може да се исплати, булевар „Благоја Тоска“, а замислете што би било за сите тие земјишта во приватна сопственост“,
изјави советникот Хамди Сулејмани.
И градоначалникот Билал Касами вели дека иницијативата е добредојдена и дека на Тетово му е потребно разеленување, но не на посочените локации.

„Да, ќе има зеленило и тоа е наша цел. Да се зголемат зелените површини во градот, но, не може да претендираме дека во тој дел, каде воглавно е приватна сопственост, да направиме парк. Значи, ако имаме поддршка од тие активисти, ако имаме поддршка од централната власт, ние сме подготвени да седнеме и да изнајдеме алтернативно решение за зголемување на паркови и зеленило во делот на градското урбано подрачје.
смета Касами.
Локациите пикирани за градски парк зафаќаат простор од четири детални урбанистички плана. Еден од нив, оној што го опфаќа „Шик Јелак“, советниците во општината со мнозинство гласови минатата недела одлучија да го суспендираат. Дополнително, донесоа одлука и за измена и дополнување на постоечкиот план. Оваа постапка започна веднаш по доаѓањето на новото општинско раководство, а на иницијатива на независната листа „Најдоброто за Тетово“.
„Сите планови кои ќе се обработат ќе се донесат во советот на Општина Тетово, ќе се направи јавна дебата, каде ќе има консултација директна со инвеститорите. Секој инвеститор има право да си го брани својот интерес и да бара тоа што може. Значи, сите знаеме дека таму намената е А, никој не оспорува од инвеститорите кој каква намена барал, но сакаме похуман план“,
е ставот на Сулејмани.

Деталниот план за „ШИК Јелак“, на кој беа впишани маркички за четири трговски единици и 27 седумкатници, го донесе претходниот совет предводен од ДУИ и СДСМ, а го „замрзна“ мнозинството во новиот совет составено од БЕСА, Алијанса, ВМРО-ДПМНЕ и независните од „Најдобро за Тетово“.
Во елаборатот, врз чија основа е суспендиран ДУП-от, пишува дека станува збор за површина од 71 000 метри квадратни, каде е планирано домување на градежно земјиште од 44 494 квадратни метри. За комерцијална намена се предвидени 16 024 квадратни метри, а за секундарни сообраќајници 10 479 квадратни метри.

„Доколку се примени пресметковниот стандард од просечни 25 м2 изградена површина за домување на еден жител, ќе се добие податокот за вкупниот број на жители во планскиот опфат, кој е над сите урбанистички стандарди, односно изнесува 5 600 жители. Од ова, пак, произлегува дека густината на живеење во новопланираниот плански опфат би била 1 600 жители на хектар, што ги надминува сите урбанистички стандарди за централно градско домување во станбени блокови од класата на намени А2, кои изнесуваат од минимум 250 до максимум 500 жители на хектар“,
пишува во еден сегмент од елаборатот.
Кога се прави суспензија на Детален план, се бара и мислење од Министерството за транспорт и врски. Во случајот, ресорот што го води Благој Бочварски од СДСМ, изработил мислење кое не е на иста линија со Комисијата во Општина Тетово, која го изработила елаборатот. Во одговор на транспорт од 21 март годинава, се наведува дека Деталниот план донесен од претходното раководство не е спротивен на законската регулатива и дека е донесен во соодветна процедура.
„Комисијата за урбанизам не го земала предвид фактот дека со урбанистичките планови се утврдува видот, намената, подрачјето, локацијата и димензиите на просторот, земјиштето и градбите што се од јавен интерес односно Комисијата за урбанизам во разработка на Стручниот елаборат за суспензија, не обезбедила непосредни докази за повредата на јавниот интерес согласно цитираниот став, туку најголем осврт дала на анализа на квалитетот на планските решенија како посредна повреда на јавниот интерес“,
пишува во документот доставен до општината од Секторот за уредување на просторот при Министерство за транспорт и врски.
Според градоначалникот Касами, целта не е да се променат маркиците во ДУП-от, туку да се примени јавниот интерес.
„Целта е со инвеститорот и со планерот да го подобриме јавниот интерес. Во делот на проширување на улиците, во делот на проширување на тротоарите, во делот на изнаоѓање на место каде ќе има зеленило согласно закон и согласно претходниот план што беше 20 насто од парцелите да бидат со зеленило. Значи, да го сочуваме јавниот интерес во сите насоки затоа што цениме дека преку тоа ќе се зголeми и приватниот интерес“,
најавува Касами.
Деталниот план за „ШИК Јелак“ стана познат во јавноста откако беше донесен еден ден по договорот за нова влада ДУИ-СДСМ во 2020 година.

Пред да се изгласа, газда на значителен дел од ШИК Јелак стана контроверзниот црногорски бизнисмен, Миодраг Давидовиќ-Дака. Според податоците од Катастарот, тој се уште е сопственик на добар дел од локацијата. Парцелите кои се во државна сопственост се на име на Република Северна Македонија, а дел на УЈП и ПИОМ. И покрај можноста за окрупнување на земјиштето, откако Владата во времето на Зоран Заев преку три огласи даде согласност за продажба на имотот што го поседуваат државните институции со „подавка преку нотар“, тоа не се случи.
„360 степени“, преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, побара информации од Катастарот дали во периодот од 2020 до април 2022 година е направена некаква промена во сопственоста. Одговорот го очекуваме.

Во меѓувреме, дојдовме до документ во кој Давидовиќ пред два месеца изразил подготвеност да го продаде својот удел во „Шик Јелак“ на градежната компанија „ЛЗ Инвест“ од Тетово. Документот е насловен Протокол за купопродажба на недвижен имот, во кој се наведени парцелите кај кои Дака е сосопственик со државата. Се работи за два имотни листа – во едниот поседува околу 8 500 квадрати од вкупно 17 300, а во другиот имотен лист околу 6 000 од 17 350. Во членот два од документот пишува:
„Продавачот води постапка за целосно дооформување и приватизација на земјиштето согласно градежните парцели, сето тоа согласно генералниот и деталниот урбанистички план (односно води постапка за приватизација на имотот опишан во член 1, како и земјиштето со површина од 21 186 метри квадратни во сопственост на РСМ … и води постапка целокупниот имот да биде заведен на негово име пред Агенција за катастар на недвижности“,
пишува во документот – Протокол до кој дојде „360 степени“.
Протоколот претставува изразена волја за продажба на земјиштето, но нема тежина на преддоговор. Во него не е наведена ниту сума, но, се наведени адвокатите на странките. Црногорскиот бизнисмен Дака го застапува Адвокатското друштво Шилегов и партнери на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Додека адвокат на потенцијалниот купувач, тетовски бизнисмен, е правниот застапник на поранешниот премиер Заев, Ване Андреев. Останува неизвесно како одлуката на општината за суспензија на планот за ШИК Јелак ќе се одрази врз евентуалниот договор меѓу Дака и ЛЗ Инвест за купопродажба на земјиштето.

„360 степени“ пред две години го истражуваше случајот со парцелите кај Шик Јелак. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тогаш обвини дека владата на Зоран Заев го распродава државното земјиште на Дака за ситни пари. Се појавија и „бомби“, разговори меѓу Дака и Зоран Милески-Кичеец, кој за 300 000 евра бил посредник на црногорскиот бизнисмен. Во разговорите се споменуваше и поранешниот генерален секретар Драги Рашковски, но по нивното објавување Дака изјави дека првите пари на Кичеец му ги дал во 2016 година. Меѓу редови, сугерираше дека Кичеец посредувал и во периодот пред Заев да стане премиер.