Македонското женско лоби, во соработка со експертки и поранешни и сегашни политичарки, изработи Стратегија и патоказ со кои, во суштина, се бара од политичките партии да го зголемат учеството на жените во партиските структури, но и во извршната и локалната власт
Во моментов, во Изборниот законик има квоти за учество на жените на листите за пратеници и советници, со што се значително се подигна застапеноста на жените во Собранието и општинските совети. Сега се бараат квоти и при кандидирањето на градоначалници а и при изборот на министри

„Жените не треба да бидат ставани на позиции само поради баланс, жените треба да добиваат вистинска шанса.“
рече Николова.
„Многу ми е жал што жените во политиката, како тема, е табу во ова наше општество и многу ретко кој се дрзнува вака јавно да зборува на таа тема.“
вели Арангеловски.
„А што ги прави мажите поспособни? Дали се похрабри од жена која секој ден како лавица се бори за семејството, за себе, за своите права во општеството? Не верувам. Не верувам дека мажите се порационални во донесувањето одлуки.“
рече Исмајли.

Овие пораки се само дел од дебатата за вклученоста на жените во изборниот процес која на социјалните мрежи ја отворија неколку инфлуенсерки и инфлуенсери. Пошироката акција ја поттикна Македонското женско лоби. Организацијата, со проект поддржан од ИФЕС, преку програмата за изборни активности финансирана од УСАИД, цели кон поголема родова рамноправност во политиката.
Од почетокот на годинава Македонското женско лоби работи со жени од различни профили и со различна политичка позадина на изработка на повеќе документи. Идејата е со документите и трудот вложен во нив да се допре до политичките партии, но и до законската регулатива – за жените да добијат еднакви можности како и мажите.

„До следни избори?
– До следните избори.
– Наредни се изборите за градоначалници.
– Да, тоа пократко е.
– Тоа за следните, за четири години. Мислам дека тоа би било реално нешто опипливо каде би можеле ние за да успееме во ова што го правиме, би требало да ги заинтересираме партиите. Партиите ни на крај памет не им е да мислат за по осум години.“
дел од ЗООМ дискусиите.
Дека без лобирање во земјава тешко се поместуваат воспоставените односи меѓу мажите и жените, особено во политиката, покажуваат бројките.

Од секои 100 луѓе во земјава, како што покажа и неодамнешниот попис, 50 отсто се мажи, а 50 се жени. Таква е природната состојба.
Но, не и во општествениот и политичкиот живот. На чело на 16-те владини ресори, на пример, се 81,25 отсто министри (13) и само 18,75 министерки (3).
На чело на 81 општина, пак, се 97,5 отсто градоначалници (79) и само 2,5 отсто градоначалнички (2).
Или, фактите велат дека жените се половина од граѓаните, а со тоа и половина од гласачите во земјава, но не и меѓу оние што се бираат.

„Ако демократијата претставува репрезентативност, помеѓу другото, значи ако имате 50% и ако не се претставени, цела една група од 50% да не е претставена со своите интереси, со своите потреби, тогаш нешто недостасува околу таа демократија.“
рече Димитриевска.
Даниела Димитриевска е претседателка на Македонско женско лоби и ги води активностите во проектот. По неколкуте работни средби, групата од експертки од различни области, од земјава и од странство, се сретна во Скопје.

„Јас ќе почнам со квотите. Се уште се многу важни, се уште се актуелни. Се уште постои можност како да се заобиколат.“
вели Мираковска.
Пратеничката Соња Мираковска од НСДП потсети на еволуцијата на квотите за учество на жените на листите за пратеници и за советници во земјава.

Во 2003 година се воведува обврската 30% од кандидатите на листа да се жени, но одредбата се изигрува со тоа што жените се туркаат кон дното на листите. Затоа, во 2006 се менува обврската – секој трет кандидат на листата да е жена. Но, потоа се јавува феноменот жени да се откажуваат од мандатот откако ќе го освојат, па во 2014 се воведува одредба – ако жена се откаже од мандатот, тогаш да смее да ја замени само жена.
„И на крај 2015 година успеавме во изборниот законик да внесеме одредба дека 40 отсто жени или 3 жени во првите десет од листата треба да бидат жени. И сега сликата во парламентот е таква, немаме 40% посто, имаме 39 кома нешто, значи многу сме блиску до бројката која е определена во законот.“
рече Мираковска.
Воведувањето на квотите засега е ограничено на листите за парламентарни и локални избори. И Жаклина Пешевска, претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка од редовите на таа партија, смета дека квотите се покажале успешни во тој сегмент. Но, вели дека е потребно многу работа внатре во партиите за повеќе жени да стигнуваат и до извршните функции.

„Се борам за повеќе претседателки, сега моментално, за во општинските комитети, колку и да е тоа тешко. Во моментов, можам да се пофалам дека имаме 16 претседателки на Совет што е рекордно ниво, на ниво на држава. Дека ни е тешка битката и дека ќе трае уште долго – ќе трае. Но, од друга страна, јас секогаш им велам и на членките и присутни се тука дел од нив – дека ние треба да оставиме една трага во нашиот живот, во нашата борба, во нашето водење во политиката, за да можат нашите ќерки, нашите внуки да наследат нешто.“
вели Пешевска
Систем на квоти, како позитивна дискриминација за зголемување на учество на жените во парламентите, постои во голем број држави. Но, искуството во регионот покажува дека високите функции, каде нема квоти, остануваат резервирани за мажи.

Во Косово, на пример, од 17 члена на Владата на Албин Курти, 11 се мажи, а 6 се жени, што е патем двојно поголемо учество на жени отколку во македонската влада. Во Хрватска, од 17 члена на Владата на Андреј Пленковиќ, 13 се мажи, а само 4 се жени.
Од Косово, на дебатата присуствуваше Шќипе Мјекиќи, потпретседателка на опозициската ЛДК, партијата која своевремено ја водеше Ибрахим Ругова.

„Искрено, јас не ги поддржувам квотите. Но, кога ќе го погледнам контекстот во Косово, тогаш силно го поддржувам системот на квоти. Бидејќи, ако не беа квотите, тогаш жените немаше воопшто да бидат претставени.“
вели Мјекиќи
Како пример, зошто квотите се потребни, Мјекиќи ги посочи изборите за градоначалници на Косово. На нив, како и во земјава, жените се најчесто само декор.
„Сите политички партии на Косово, кога даваат шанса на жените да бидат кандидатки, го прават тоа во општини каде нивната поддршка е многу ниска. И затоа жените не можат да победат, бидејќи шансите за победа се многу мали.“
рече Мјекиќи.
Од Хрватска на дебатата присуствуваше Рада Бориќ, долгогодишна активистка не само за правата на жените туку и за човековите права, која од неодамна е и во политиката. Мандатот во хрватскиот парламент и е во мирување откако беше избрана за советничка во Советот на Загреб.

„Одговорноста за немање жени е на политичката партија. Не може да се случи за колешката од Косово која и самата знае дека можеби ја земале само за да поправат квотата па потоа, кога жените се избрани, тогаш кажуваат – ајде сепак ти Сузана остави го тоа место, тоа му треба на овој. Па ти ќе бидеш понатаму.Значи, одговорноста за бројот на жените е на политичката партија.Уште полошо ако ги водат мажи и уште подобро ако тие мажи кажат-нашите листи ќе бидат „фифти-фифти“. Нека е квотата 30%, нека е квотата и 20%. Но, ние знаеме дека тоа не е праведно. Зошто ние жените зборуваме за праведност. Нешто не е праведно. Дали е праведно од 81 град во Македонија, само две жени да се градоначалнички? Па, не можете да речете дека нема други паметни жени.“
рече Бориќ.
Обраќањето на Бориќ го следеше и Данела Арсовска, една од двете градоначалнички во земјава и прва жена на чело на главниот град. Таа вели дека нееднаквоста е уште поголема во бизнис секторот, каде жените пополнуваат само 1% од високи раководни позиции во корпоративниот свет во семјава. Во политиката, пак, советот за жените не и е охрабрувачки.

„Се додека не сме свесни дека не смее во нашето општество да не води лицемерие, да го браниме само нашето, да го осудуваме секогаш туѓото, се до тогаш мојата препорака би била – жени, немојте да се кандидирате на локалните избори.“
вели Арсовска.
Кој е тогаш патот напред? Според Даниела Димитриевска од Македонско женско лоби – во квоти за застапеност и на други нивоа.

„Ние ќе избереме жени доколку имаме понуда на жени. Значи, ние немаме понуда. Понудата на жени е многу мала и затоа имаме волку малку избрани жени. Ако политичките партии имаат механизам или пак ние, во коешто верувам дека ние ќе го создадеме тој механизам, да мора да има одреден број на понуда за да може од таа понуда да избереме поголем број на жени. Тоа е многу едноставно. Кога имате понуда имате и избрани.“
рече Димитриевска.
Документите што произлегоа од процесот што го спроведе Македонско женско лоби се патоказ и Стратегија, кои се презентираат пред лидерите на политичките партии. Две клучни заложби се – организациите на жени во партиите да добиваат загарантирано најмалку 5% од годишното финансирање од буџетот и да се направат законски измени со кои ќе се воведат квоти и за жени кандидатки за градоначалници и за застапеност на жените во владата.

„360 степени“ имаше можност да ја проследи средбата со ДОМ. Претседателката на оваа партија, Маја Морачанин, се согласува со предложените акции.


„Квотите и да се зголемат и, за да обезбедиме поголемо учество на жените и во владата и како градоначалнички, мислам дека и тука ни се потребни квоти. Значи, квоти за градоначалнички и законот за влада нели тука треба да се менува, за да се обезбеди законски да биде обврзано поголеми учество на жените.“
рече Морачанин.
Независно од активностите на Македонското женско лоби, „360 степени“ упати исти прашања до неколку политички партии – колкав процент од општинските организации им ги водат жени и дали се за воведување квоти за минимален број жени – кандидатки за градоначалници и членови на влада.
Ни одговорија само БЕСА и Алтернатива и тоа:

Од партијата на Билал Касами велат дека имаат една жена претседател од вкупно 27 ограноци. За квотите за градоначалнички велат „Немаме ништо против квотите за градоначалник … но, мора да се најде модел кој би бил практичен и остварлив“. За застапеноста во владата, пак, „Отворени сме да разговараме за се што има врска со подобрување на застапеноста на жените во извршната власт.“

Од Алтернатива, пак, велат дека имаат 21 огранок и ниту една жена претседател. За квотите велат дека би ја прифатиле позитивната дискриминација ако таа е средство за претставување на жените, но изразуваат резерви – „после сето ова искуство со практикувањето на позитивна дискриминација, време е да се стави емпириско мерење на овој ефект и да се бараат други модалитети на женскиот активизам во политиката … Полот не треба да биде ниту привилегија ниту хендикеп.“
Одговори не добивме од СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците.