Украинската народна правобранителка Људмила Денисова посочи оти најмалку 25 девојки и жени на возраст од 14 до 24 години пријавиле силување од страна на руските трупи во Буча и додаде оти силувањето е новото оружје на руските сили

Најмалку 25 жени и девојки пријавиле оти се силувани од страна на руските сили во Буча, изјави денеска украинската народна правобранителка Људмила Денисова, а пренесе Би-би-си.
Денисова истакна дека телефонската линија која нуди поддршка примила најмалку 25 пријави од жени и девојки на возраст од 14 до 24 години кои побарале помош откако биле силувани од руските сили во Буча.
Таа додаде дека Украина има докази за геноцид врз украинскиот народ и за воени злосторства и додаде дека силувањето е новото оружје на руските сили.
„Ќе продолжиме да ги документираме овие страшни злосторства и секој криминалец ќе биде казнет“,
рече Денисова, а пренесе Би-би-си.
Во меѓувреме, украинското обвинителство соопшти дека истражува 4 468 наводни руски воени злосторства откако во јавноста беше откриен случајот со Буча, што беше причина за нови санкции кон Русија и протерување многубројни руски дипломати од земјите членки на ЕУ и нивните сојузници.
Од друга страна, пак, Русија негира дека нејзините војници извршиле злосторства во Буча нарекувајќи ја целата ситуација „добро режирано, но трагично шоу“.