Од ДЗС се извинија и рекоа дека тоа било техничка грешка во која е направена пермутација на податоците, со тоа што бројот на лицата што се изјасниле како „евангелско протестантски христијани“ биле запишани како „атеисти“
За речиси 25 пати е поголем реалниот број на атеисти во земјава од бројот кој првично беше објавен во резултатите од пописот. Во првичниот сет податоци од пописот што ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС) беше запишано дека вкупно 355 лица се изјасниле како атеисти, но сега е направена корекција и нивниот број е за 24,7 пати поголем, односно како атеисти во земјава се запишани 8 764 лица.
Од ДЗС се извинија и рекоа дека тоа било техничка грешка во која е направена пермутација на податоците, со тоа што бројот на лицата што се изјасниле како „евангелско протестантски христијани“ биле запишани како „атеисти“ и обратно.
„Во соопштението Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 – прв сет на податоци, објавено на 30 март 2022 година, во Табела 9 – Вкупно резидентно население во Република Северна Македонија според изјаснувањето за религиската припадност, по пол – Попис 2021, направена е техничка грешка со тоа што во редовите „Не е верник (атеист)“ и „Евангелско протестантски христијани“ е направена пермутација на податоците“,
посочуваат во писмено соопштение од ДЗС.
Во писменото соопштение, од ДЗС воедно додадоа дека сите групи верници од под 500 не се прикажани во коригираната табела поради ограничениот простор.
По објавувањето на податоците од пописот, изминатите денови членовите на групата „Асоцијација на македонски атеисти“ на Фејсбук на шеговит начин реагираше на малиот број лица кои во земјава се изјасниле како атеисти.
„Како сте, статистичка грешко?“,
гласеа дел од коментарите во групата.
Инаку, во врска со податоците за религиската припадност, претходно реагираше и Македонската православна црква (МПЦ) изразувајќи сомневање бидејќи во графите освен православни, католици, муслимани, се појави и посебна категорија „христијани“ која ја немаше на претходните пописи, а за која се изјасниле дека припаѓаат над 200 000 луѓе во земјава.
Според тоа, МПЦ податоците од пописот ги окарактеризира како нерелевантни оти, како што посочија оттаму, постои сериозна статистичка грешка која опфаќа 13,4 отсто од населението.
Оттаму додадоа оти методологијата која се применувала во пописот не правела разлика помеѓу припадност на религија, припадност на вероисповед и припадност на црква или верски заедница.