Според анкетата спроведена од 23 до 25 март, владата на Орбан ја поддржуваат 44 отсто од гласачите, а опозицијата 42 отсто, со маргина на грешка од 3,5 отсто
Главниот ривал на Орбан, Марки-Зај лани на Фејсбук најави дека „ќе ги екстрадира криминалните мигранти кои ФИДЕС (партијата на Орбан) ги донесе во земјата: Никола Груевски од Северна Македонија, Заид Нафа од Јордан и други“
Граѓаните на Унгарија денеска ќе гласаат на парламентарните избори на кои долгогодишниот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес се пред најголемиот предизвик досега.
За разлика од претходните изборни циклуси, кога убедливо победи, 58-годишниот Орбан сега има сериозен ривал, коалицијата Обединети за Унгарија, шестпартиска алијанса предводена од кандидатот за мандатар, 49-годишниот економист, Петер Марки-Зај.

Анкетите покажуваат дека Фидес има мала предност, но и дека исходот од изборите е неизвесен. Според анкетата спроведена од 23 до 25 март, владата на Орбан ја поддржуваат 44 отсто од гласачите, а опозицијата 42 отсто, со маргина на грешка од 3,5 отсто.


Орбан, кој е на чело на владата од мај 2010 година, се бори за четврти последователен мандат како премиер, или вкупно петти. Неговата кампања се засноваше на ветувањето дека ќе ги зачува мирот и безбедноста и ќе обезбеди продолжување на увозот на енергија од Русија, за време на војната во Украина, со која се граничи Унгарија.
Унгарската влада гласаше за повеќето санкции што ЕУ ги воведе кон Русија и дозволи распоредување на војници на НАТО во Унгарија, но одби да испрати оружје во Украина и не дозволи транзит на оружје преку унгарско-украинската граница.
Орбан, кој негува блиски политички и економски врски со Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин повеќе од една деценија, ја осуди руската инвазија на Украина, но прогласи неутралност на Унгарија во конфликтот.
Неговата влада жестоко лобира против забраната за увоз на руска енергија, тврдејќи дека таквиот потег ќе ја уништи економијата на Унгарија. Орбан ја заснова кампањата на обвнувања дека опозициската коалиција, доколку победи, ќе ја вовлече Унгарија во војна.
„Унгарската политика не е ниту проукраинска ниту проруска, таа е проунгарска. Ако сакаме мир, мора да гласаме за Фидес. Ако сакаме да го ризикуваме нашиот мир, можеме да гласаме за левицата. Ако опозицијата победи во недела ќе почне да испорачува оружје на Украина еден ден подоцна и ќе ги затвори вентилите за рускиот гас“,
рече Орбан минатата недела.

На последниот предизборен митинг во Секешфехервар, Орбан, го повтори и тврдење дека коалицијата Обединети за Унгарија потпишала таен пакт со украинската влада и дека ќе го прекине увозот на руска нафта и гас. Алијансата тоа го негира.
„Ако го забраниме увозот на енергија (од Русија), тогаш не само што ќе биде постудено во Унгарија, температурата нема да падне за степен или два, туку ќе мораме да затвориме фабрики и многу луѓе ќе останат без работа, вклучително и ти“,
изјави Орбан.
Нападот на Русија врз Украина во основа ја промени изборната кампања и, според аналитичарите, всушност ги претвори изборите во референдум за тоа дали Унгарија ќе биде на Запад или на Исток.
Поради руската инвазија, Орбан мораше да ја промени стратегијата на кампањата и да се откаже од потпалување на страстите околу културните прашања кои предизвикуваат поделби во земјата, како што се ЛГБТ содржините во медиумите и миграцијата.
Обединети за Унгарија, коалиција од шест опозициски партии ги остави настрана идеолошките разлики и создаде обединет фронт против Орбан и неговиот политички и економски систем, за кој тврдат дека полн со корупција и ерозија на демократските слободи.
Нејзиниот кандидат за премиер, Петер Марки-Зај, градоначалник на Ходмезовашархеј од 2018 година, оваа недела рече дека Орбан создал „еднопартиска држава“ која им го сврте грбот на западните сојузници и зеде „милитантна антиевропска и про-Путин„ став.
Критичарите и во ЕУ и во Унгарија долго време го обвинуваат Орбан за колапс на демократските институции, за контрола на медиумите и судството и за корупција.
Марки-Зај, кој себеси се опишува како конзервативен христијанин, наведува дека утрешните избори се однесуваат на иднината на Унгарија како демократија од западен стил.
„Ние цврсто припаѓаме на Западот, припаѓаме на НАТО и припаѓаме на Европската унија“,
рече лидерот на опозицијата.
На изборите самостојно учествува Движењето „Наша татковина“, на чело со радикалната десница Ласло Тороцкај, основачот на Младинското движење од 64 окрузи.

Од 199 пратеници во унгарскиот парламент, 106 се избираат по мнозински принцип, така што во 106 изборни единици победува кандидатот со најмногу гласови. Останатите 93 пратенички места се доделуваат на избори на кои се натпреваруваат партиски листи.
Прагот за влез на листата во парламентот е пет отсто од гласовите, десет отсто во случај на коалиција од две партии и 15 отсто за сојузи на три или повеќе партии.
Право на глас на изборите имаат и унгарските државјани кои живеат во странство, како и повеќе од милион етнички Унгарци кои живеат во соседните земји. Орбан им даде право на глас на двете категории избирачи, со промена на изборниот закон, со кој неговата партија обезбеди стотици илјади гласови.
Што е интереснo за нас?
Во анализата објавена на новинарската платформа „Репортинг Демокраси“ во ноември лани, се наведува дека политичката клима во земјата би можела да стане неповолна за поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој се наоѓа таму и работи како советник на Орбан и воедно се занимава со бизнис со порцелан за што регистрирал компанија во Унгарија со седиште во Пецел, на дваесетина километри источно од Будимпешта, објави тамошниот портал 24.ху.
Во анализата се потсетува дека Марки-Зај неодамна во објава на Фејсбук најави дека „ќе ги екстрадира криминалните мигранти кои ФИДЕС (партијата на Орбан) ги донесе во земјата: Никола Груевски од Северна Македонија, Заид Нафа од Јордан и други“.
Но, како што се наведува во текстот, според правни експерти, за да му биде укинат статусот на Груевски како азилант и за негова екстрадиција ќе треба повеќе од политичка волја и тој процес би бил многу комплициран и долг.
„Во демократска држава базирана на владеењето на правото, ниту една влада, ниту еден премиер, немаат право некому да му го одземат статусот на бегалец“,
изјави Андрас Ледерер, претставник на унгарскиот Хелсиншки комитет, задолжен за мониторинг на човековите права.
Но, и покрај тоа, според авторите на анализата, постојат правни начини да му се укине статусот на азилант на Груевски, бидејќи Националниот генерален директорат за управување со странци на Унгарија, на секои три години ги проверува бегалските статуси.
„Тоа е всушност една нова процедура за азил, во која подносителот мора да докаже дека сè уште постојат причините поради кои му е одобрен азилот. Врз основа на доказите, властите може да одлучат дали ќе го продолжат азилот или ќе го укинат“,
објаснува Ледерер.
Во анализата се потсетува дека Груевски „стигна во Унгарија на 11 или 12 ноември 2018 година, за да избегне отслужување на двегодишна затворска казна“, по што уште истиот месец доби азил по итна постапка, која „многу критичари ја сметаа за мошне контроверзна и како личен гест на добра волја на Орбан кон неговиот политички сојузник“.