Британското министерство за одбрана во редовниот извештај за ситуацијата во Украина, објави дека руските трупи се повлекуваат од областите на север во близина на главниот град Киев, за да се фокусираат на исток и југ
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќањето рано утрово предупреди дека на истокот на земјата му претстојат „тешки битки“
Во руското гранатирање во текот на ноќта погодени се неколку станбени згради во градот Лисичанск и блискиот град Тошкивка во Луганск, на истокот на Украина, изјави Серги Хаидаи, гувернер на областа, додавајќи дека допрва се утврдуваат жртвите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќањето рано утрово предупреди дека на истокот на земјата му претстојат „тешки битки“.
Британското министерство за одбрана во редовниот извештај за ситуацијата во Украина, објави дека руските трупи се повлекуваат од областите на север во близина на главниот град Киев, за да се фокусираат на исток и југ.
Според британското воено разузнавање, руските сили наводно се повлекле од аеродромот Хостомел, во близина на главниот град на Украина, кој е мето на борби од почетокот на конфликтот.
„Украинските сили продолжуваат да напредуваат против повлекувањето на руските сили во околината на Киев“, По должината на источната оска, Украина повторно зазеде неколку села. На истокот на Украина, украинските сили обезбедија клучна рута во источен Харков по тешките борби“,
соопшти Министерството за одбрана на Обединетото Кралство на брифингот рано утрово.
Latest Defence Intelligence update on the situation in Ukraine – 2 April 2022
— Ministry of Defence ?? (@DefenceHQ) April 2, 2022
Find out more about the UK government’s response: https://t.co/RkaaqnwGCV
?? #StandWithUkraine ?? pic.twitter.com/P4osar6aMm
Во Хостомел се водеа тешки борби од 24-ти февруари, кога руските трупи влегоа за да заземат карго-аеродромот.
Хостомел е мал и стратешки важен град. Пред војната, тука беше најважниот меѓународен карго аеродром во Украина и клучна воена воздушна база.
Црн биланс: 1 276 загинати и над 1 900 повредени
Од почетокот на рускиот напад врз Украина до 31 март загинаа 1 276 цивили, соопшти канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права во Женева (ОХЦР).
„ОХЦР верува дека бројот на убиени е многу поголем, а информациите од некои области каде што се водат интензивни борби доцнат и многу податоци чекаат потврда“,
се вели во документот на ОН.
Агенцијата при ОН наведува дека повеќето луѓе загинале од експлозивни направи, поточно гранатирање и ракетирање.
Меѓу нив има 260 мажи, 184 жени, 36 момчиња, 18 девојчиња, додека полот на 61 дете кои загинале и 717 лица се уште не е познат.
Потврдено е и дека досега се ранети 1 981 цивил.
И денеска евакуација од Мариупол
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) денеска ќе ги обнови обидите за евакуација на жителите од разурнатиот град Мариупол.
Вчера, хуманитарната група мораше да ја прекине операцијата за спасување откако „аранжманите и условите го оневозможија“ нивниот конвој да продолжи понатаму.
Групата планираше да испрати 54 автобуси и многу автомобили за да помогне во евакуацијата на илјадници луѓе да избегаат од градот – кој беше изложен на најинтензивните бомбардирања.
Портпаролот на Црвениот крст во петокот рече дека тие не добиле гаранции дека рутата по која ќе тргнат ќе биде безбедна, па затоа се повлекле во Запорожје.
„Тие ќе се обидат повторно денеска да го олеснат безбедното поминување на цивилите од Мариупол“,
изјави тој.
Но, „од клучно значење е страните да ги почитуваат договорите и да ги обезбедат потребните услови и безбедносни гаранции“.
Во изминатиот месец имаше неколку обиди за евакуација кои исто така не успеаја или беа прекинати. Украина ја обвини Русија дека напаѓа цивили кои бегаат во повеќе наврати – нешто што Москва го негира.
Се проценува дека околу 160 000 луѓе остануваат заробени во Мариупол – каде што им недостига храна, вода, лекови и електрична енергија. Најмалку 5 000 жители досега се убиени во нападите, соопштија локалните власти.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видеообраќање рече дека повеќе од 3 000 луѓе се евакуирани од Мариупол.
Дел од бегалците почна да се враќаат, УНЕСКО ги утврдува штетите
Досега вкупно 2 437 000 луѓе ја напуштиле Украина и пребегале во Полска од почетокот на војната, соопшти денеска полската гранична стража.
Бројот на премини на границата значително се намали овие денови, со што вчера е регистриран вториот најмал број на премини откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари.
Но, се забележува и тренд на враќање на бегалците во Украина – 421 000 луѓе влегле во Украина преку Полска во изминатиот период, а само во петокот 15 000 луѓе преминале во Украина од Полска.
Според УНХЦР, повеќе од 10 милиони луѓе досега ги напуштиле своите домови во Украина. Освен четири милиони кои заминаа во соседните земји, се смета дека уште 6,5 милиони луѓе се раселени внатре во земјата.
Агенцијата за култура на Обединетите нации, УНЕСКО, вели дека најмалку 53 културно важни места се оштетени од почетокот на војната. Тоа вклучува 29 цркви, 16 историски градби, четири музеи и четири споменици.
Неколку оштетени локации се во двата најголеми града во Украина – Киев и Харков – но и во Чернихив.
„Ова е најновата листа, но таа не е конечна, бидејќи нашите експерти продолжуваат да проверуваат голем број извештаи“,
изјави портпаролот, цитиран за новинската агенција АФП.
УНЕСКО вели дека користи сателитски снимки и извештаи на сведоци за да ја потврди штетата.