На средбата присуствувале и 27 градоначалници од пограничниот регион, а се разговарало за соработката преку ИПА програмата, како и за доизградба на граничниот премин „Клепало“

Соработката меѓу општините од двете земји е пример за добрососедство и заедничко градење на европската иднина на регионот, порача министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, на средба за прекугранична соработка во Сандански, Бугарија, каде присуствуваше и бугарскиот премиер Кирил Петков.
„Прекуграничната соработка меѓу двете земји има свој континуитет и е една од најуспешните во регионот со целосна, стопроцентна реализација на средствата од Европската Унија. Во вториот ИПА Програмски период реализиравме 73 заеднички во вкупна вредност од 20 милиони евра“,
рече Милевски.

На средбата, на покана на бугарскиот министер за регионален развој и јавни работи, Гроздан Караџов, покрај Милевски присуствуваа и градоначалници на 27 општини во пограничниот регион.
На состанокот, како што соопштија од кабинетот на Милевски, се разговарало за новата ИПА Програма за прекугранична соработка помеѓу двете држави, финансирана од Европската Унија, како и за доизградбата и отворањето на граничниот премин „Клепало“, исто така, преку поддршка од ИПА.