Трите кредитни линии се дел од пакетот мерки на Владата кои се конципирани во три насоки: да влијаат на цените на прехранбените производи, да влијаат на цените на енергeнсите и поддршка на ликвидноста на стопанството
Две бескаматни и една поволна кредитна линија се ставаат на располагање на приватниот сектор како дел од последниот пакет мерки што го усвои Владата за поддршка во време на енергетска криза.
Кредитните линии се воспоставуваат преку Развојната банка на Северна Македонија, за што Владата завчера на седница усвои информација и го задолжи министерот за финансии да ги потпише договорите со РБСМ за нивно администрирање.
Денеска Министерството за финансии излезе со детално објаснување на овие мерки:
Првата е бескаматна кредитна линија за обртни средства за компании директно погодени од енергетската и економската криза преку директно кредитирање од РБСМ во износ од 5 милиони евра. Таа е наменета за микро, мали и средни трговски друштва, трговци поединци, занаетчии кои се од секторот производство на храна согласно шифрата на дејност. Важно да се напомене дека крајните корисници ќе ги добијат средствата без камата, односно камата е 0 %, со шест месеци грејс период за отплата, притоа во зависност од времетрањето на отплатата предвидена e и грант компонента од 10% или 20%.
Втората е бескаматна кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергенси преку банки учеснички во вредност од 10 милиони евра. Со неа се обезбедуваат 10 милиони евра, за микро, мали и средни трговски друштва како и трговци поединци и занаетчии. Средствата ќе се пласираат преку комерцијалните банки кои ќе изразат интерес за учество, а кои ќе треба да учествуваат со 50 %, односно вкупниот ефект во стопанството да биде 20 милиони евра. Предвидено е банките да пресметуваат каматна стапка до 3,5% годишно за својот дел од кредитот (или просечно до 1,75% на вкупниот кредит), притоа истата кон деловните банки ќе биде целосно субвенционирана со што крајната каматна стапка за крајните корисници, односно компаниите, ќе изнесува 0%.
Третата е кредитна линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра е наменета за микро, мали и средни трговски друштва, како и трговци поединци и занаетчии и приватни здравствени установи. Ќе се пласира, исто така, преку комерцијалните банки при што 60 % од проектот ќе се кредитира преку оваа кредитна линија, додека 40 % од сопствени средства на инвеститорот или кредит од банката учесник. Услови под кои ќе се пласира кредитот кон крајниот корисник е отплата до 8 години со грејс период до 12 месеци за енергетска ефикасност и 12 години отплата со грејс период до 24 месеци за проекти за обновливи извори на енергија. Каматна стапка која банките учеснички ќе ја наплатуваат од крајните корисници е 1,6 % годишно.
„Интенцијата и начинот на кој се креирани кредитните линии, е покрај овие 25 милиони евра буџетски средства да генерираат дополнителни двојно повеќе средства и тоа над 40 милиони евра и со тоа да се даде позитивен импакт во економијата“,
велат од Министерство за финансии.
Трите кредитни линии се дел од пакетот мерки на Владата кој се конципирани во три насоки: да влијаат на цените на прехранбените производи, да влијаат на цените на енергeнсите и поддршка на ликвидноста на стопанството.