Во Германија денеска стапува на сила новиот Закон за вселување на професионален кадар, со кој ќе се привлекуваат квалификувани работници од земји кои не се членки на ЕУ, што значи и од Македонија.
Предноста е во краткиот рок за вадење работна виза кој е лимитиран на шест недели. Имено, доколку работникот во тој период склучи некаков првичен договор за работа со германска компанија или пак понуда, добива дозвола за престој од четири години или онолку колку што трае договорот за работа. Потоа се стекнува и право на постојан престој. Лицата со стручно образование имаат предност, но треба да имаат и основни познавања на германскиот јазик.
Со новиот закон под стручњаци ќе се сметаат сите квалификувани лица чие стручно образование траело најмалку две години и е еквивалентно со германското образование, а дипломите ќе се признаваат забрзано преку Централна меѓународна служба за вработување. Секој работник од третите земји кои ги има потребните стручни квалификации, може да дојде да работи во Германија. По четиригодишен престој, стручњаците можат трајно да се населат во Германија, односно стекнуваат право на неограничен престој.
„Дојче Веле“ анализира дека Законот подразбира и забрзана процедура според која идниот германски работодавач, со полномошно од работникот, може да ги застапува неговите интереси и да преговара со надлежната Служба за странци. Кога ќе се соберат сите потребни дозволи, Службата за странци мора да ја информира германската амбасада која во рок од три дена треба да издаде виза.
Ако во Германија доаѓате со семејството, мора да приложите доказ дека можете да го издржувате и имате доволно голем стан, тоа значи околу 950 евра по лице месечно и 10-12 квадратни метри простор по лице. Деца до две години не се сметаат. Исто така, вашата сопруга или сопруг и деца постари од 16 години мораат да поседуваат основно знаење на германски јазик, на ниво А1. Како новодојден немате право на социјална помош.