Земјава прескокна една декада за спроведување попис на населението и домаќинствата, откако во 2011 година, поради политички несогласувања, статистичката операција беше прекината
По речиси 20 години без „свежи“ податоци за структурата на населението во земјава, во среда во Македонска филхармонија во Скопје ќе бидат презентирани најновите бројки собрани за време на пописот на населението и домаќинствата, што беше спроведен во периодот од 5 септември до 30 септември минатата година.
Настанот на кој ќе бидат презентирани резултатите од пописот, како што информираа попладнево од Државниот завод за статистика, е поделен во два дела: Во првиот дел, со почеток од 11 часот, ќе бидат доделени благодарници на институциите кои придонеле за успешното спроведување на „Попис 2021“, а во вториот дел, со почеток во 12 часот, ќе бидат објавени податоците.
На презентацијата ќе се обратат директорот на ДЗС, Апостол Симовски, заменик-директорот, Илми Селами и меѓународниот експерт од Словенија, Данило Доленц. Се очекува присуство на премиерот Димитар Ковачевски, на членови на Владата, на претставници на дипломатскиот кор во Северна Македонија, претставници на агенции, институции и организации, како и делегации на статистичките заводи и институти од регионот и пошироко, велат од ДЗС.
Како што беше објавено по завршувањето на пописот, во текот на операцијата се попишани вкупно 1 832 696 лица, 568 175 домаќинства и 837 255 станови. Од ДЗС тогаш информираа дека, со примена на комбиниран пописен метод и со користење на новите техничко-технолошки алатки, се овозможи ефикасно следење на попишувањето и опфатот на единиците на попис на терен. Изразено во бројки, тоа значи дека: Од опфатените објекти за живеење, 91 отсто беа предмет на попис, а 9 отсто се објекти кои не беа предмет на попис.
„Сите објекти кои беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде што по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, тие беа повикани да се попишат во седиштата на општините. Оние кои и тоа не успеаја да го направат, сепак, ќе бидат дел од пописот, бидејќи се очекува да ги има во некоја од базите кои ќе се користат при обработката на податоците, така што со сигурност знаеме дека целосно и успешно го опфативме населението кое во овој момент живее во државата“,
изјави директорот на ДЗС, Апостол Симовски, лани на 30 септември.
Овие показатели, рече тој, укажуваат на фактот дека целата активност е спроведена во рамки на очекуваното, особено со оглед на тоа што 20 години нема пописни податоци и не се знаело со што ќе се соочат попишувачите на терен.
Во однос на попишувањето на дијаспората, вкупно се самопопишаа 204 805 македонски државјани и тоа најмногу од западноевропските земји, а многу помал број од прекуокеанските земји.
Земјава прескокна една декада за спроведување попис на населението и домаќинствата ( од крајот на 2002 година до лани есента), откако во 2011 година, поради политички несогласувања, статистичката операција беше прекината. Ланскиот попис првично беше планирано да се одржи во април, но, во меѓувреме, поради ситуацијата со ковид-19, беше постигнат политички договор за негово одложување за септември, така што попишувањето во еден дел се совпадна и со кампањата за ланските локални избори.