Панчевски се жали дека бил дискриминиран во споредба со сите други судии и претседатели на судови, затоа што за разлика од нив само тој не ги уживал уставно и законски загарантираните права кои ги имале носителите на судиски функции, соопштија од Уставниот суд
На утрешната седница на Уставниот суд ќе се најде барањето за заштита на слободите и правата на екссудијата Владимир Панчевски, кој тврди дека бил дискриминиран во споредба со останатите судии и претседатели на судии.
Тој смета дека правата му ги повредиле Основниот суд во Велес и Апелацискиот суд во Скопје, кои инаку донесоа осудителна пресуда во предметот кој се водеше против него за злоупотреби на АКМИС за електронска распределба на предмети. Според Панчевски, дискриминацијата е по основа на социјалната припадност, односно општествената положба во поглед на професионалниот статус, како и по основа на политичка припадност и уверување.
„Меѓу другото, подносителот на барањето наведува дека бил дискриминиран во споредба со сите останати судии и претседатели на судови, затоа што за разлика од нив само тој не ги уживал уставно и законски загарантираните права кои ги имале носителите на судиски функции. Оттука, според подносителот на барањето, произлегувала дискриминаторската природа на теоријата на случај на Јавното обвинителство, која била прифатена од Основниот суд во Велес и Апелациониот суд во Скопје и резултирало со носење на актите коишто се оспоруваат. Според подносителот на барањето, со оспорените акти, била сторена повреда покрај на член 110 алинеја 3 и на членот 9 од Уставот, како и на член 6 став 1 и членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права“,
соопштија од Уставниот суд.
Панчевски беше осуден на две и полгодишна казна затвор, но пресудата минатиот месец ја укина Врховниот суд и го врати предметот на повторно одлучување. Забелешката која ја дадоа врховните судии е што иако Панчевски и неговиот адвокат барале јавна, нивните колеги од Апелација одржале затворена седница и не ги известиле обвинетиот и неговиот бранител.