Со години нема случај на ХИВ меѓу наркозависници и сексуални работници во Македонија, сега тоа може да се промени, откако Владата реши да штеди на превенција од вирусот, предупредуваат граѓанските организации
Интервју со Хајди Штерјова Симоновиќ од здружението ХОПС и Андреј Сених од здружението „Заедно посилни“
360°: Јавно го искажавте вашето несогласување и незадоволство од одлуката на Министерството за здравство да ги скрати средставта од превентивната Програма за заштита на населението од ХИВ за 40 насто. Дали имате одговор од Министерството зошто се решиле на ваков чекор?

„Не добивме никакво образложение. Од се што знаеме министерството немаше никаква консултација ниту со експерти, вклучително националната комисија за ХИВ, ниту понуди некакви аргументи за кратењето. Страшно е, во услови на криза, јавно здравствена криза, да се крати од грбот на најранливите граѓани во земјата. Сметаме дека е тоа една популистичка и погрешна политика, секако не јавноздравствена политиката. Исто така веруваме дека овој чекор на некој начин е насочен и против граѓанскиот сектор, бидејќи преку овие активности всушност, националниот одговор кон ХИВ се потпира токму на трудот на 15-тина граѓански организации ширум земјава чијашто работа и функционирање сега се загрозува бидејќи е загрозен. Да не заборавиме епидемијата на ХИВ е сеуште една од активните епидемии, пандемии во светот а и кај нас“,
вели Андреј Сених, здружение „Заедно посилни“.
360°: Каде го гледате проблемот, во новиот состав на Владата или во реководството на Министерството за здравство?

„Она што можеме ние да го кажеме е тоа дека ние се обидувавме откако се формира новата влада и откако се формира новиот состав, кабинет за министерството за здравство, ние се обидувавме постојано да оствариме комуникација, каква што сме имало претходно со Министерството за здравство, но постојано таа комуникација беше еднострана. Значи, ние се јавуваме а оттаму не добивавме никаква повратна комуникација или информација. Исто така, сметаме дека бидејќи програмата ја усвојува владата, значи програмата за заштита на населението од ХИВ ја спроведува Министерството за здравство, меѓутоа истата се плаќа од буџетот на државата и ја усвојува владата, такашто проблемот е одговорност е обострана. Значи гледаме подеднаква одговорност и кај владата и посебно во министерството“,
рече Хајди Штерјова Симоновиќ, здружение ХОПС.
360°: Зошто вие како здруженија инсистирате на овие средства, зошто се важни?
„Бидејќи преку оваа програма и преку овие средства практично се добиваат исклучително важни и јавни здравствени услуги, околу 10 000 корисници од ранливи, посебно маргинализирани заедници во Македонија. Тие се однесуваат на заштита од ХИВ но и заштита и од други крвно и сексуално преносливите инфекции, вклучуваат дијагностика и лекување на сексуално преносливи инфекции итн. За голем дел од овие корисници, коишто се надвор од здравствениот систем, поради својата маргинализираност, всушност токму овие услуги се и единствениот пристап до некаква базична здравствена заштита. Имено, овие програма за превенција од ХИВ имаат главна, централна улога во Македонија, во спречувањето, контролирање и намалување на епидемијата на ХИВ“,

360°: Според вас, какви можат да бидат последеците од кратењето на средствата за заштита на населението од ХИВ?
„Во секој случај тоа ќе доведе до зголемување на бројот на нови инфекции со ХИВ, како и други сексуално и крвно преносливи инфекции. Ќе доведе до зголемен број на смртни случаи како резултат на ХИВ. Голем број на луѓе би останале недијагностицирани или ненавремено дијагностицирани, што значи дека ќе дојдат во здравствениот систем во некоја напреден стадиум, познат како СИДА, кога и нивното лекување на крајот државата ќе ја чини многу поскапо. Така што, овие чекори на Министерството за здравство ни оддалеку не значат штедење, туку напротив зголемување на оптоварувањето на националниот буџет на краток и на среден рок заради зголемување на трошоците на лекување и на компликации. И во секој случај, Македонија и понатаму ќе заостане многу повеќе во справувањето со оваа епидемијата каде што светот има направено огромен прогрес. Значи заостануваме во ставањето на крај на епидемијата на ХИВ, што е глобална цел до 2025 и 2030 година“,
360°: Од кога постои оваа Програма и дали досега имало вакви проблеми?
Значи, програмата за заштита на населението од ХИВ којашто нели ја спроведува Министерството за здравство, постои од 2004 како таква, меѓутоа програмите коишто организациите подинечно ги спроведуваат постојат од многу порано. Конкретно, програмата за превенција од ХИВ преку намалување на штети на употреби на дроги постои 25 години и ја развива здружението ХОБС со поддршка на други донатори. А од 2004 години веќе Министерството за здравство како примарен примател, со финансиска поддршка од повеќе од 25 милиони долари, почна да ја развива така какво што денес ја имаме. Значи со 14 организации со кои се опфаќаат сите клучни ранливи популации – како луѓе што употребуваат дрога, сексуални работници, МСМ лица и луѓе коишто живеат со ХИВ како и млади, нели како дел од превентивната програма. Она што е значајно е дека со тие 25 милиони долари во период од 15 години се развија солидни програми на територија на цела Република Македонија што придонесе од на пример, од 2007 година, конкретно за програмата што ние ја работиме, да нема ниту едно лице што употребува дроги да не е позитивно на ХИВ. Значи тоа претставува одличен одговори и одлично функционирање на програмата. Најголем проблем ни е финансиската одржливост бидејќи додека беше Глобал фонд програмите беа посеопфатни и пошироки. Кога државата во 2017 го презеде целосното финансирање на проектот, иако самата влада проценила дека минимум износ за функционирање на програмата е 60 милиони денари, ние добиваме околу 45 милиони денари, зборувам за граѓанските организации коишто ја работиме нивната програма и со тој минимум успеавме 5 години да ги одржиме програмите. Меѓутоа, со ова кратење од 40%, а во некои програми како што е програмата за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ и 70%, практично е невозможно да се одржат програмите.
360°: Кои би биле вашите следни чекори ако Владата не реагира?
„Како платформа, пуштивме писма и известување до сите нели значајни организации и институции од меѓународната сфера, како што е СЗП, глобалниот фонд и други важни… УН агенциите и ЕУ. Но исто така пуштивме барање за итна средба со премиерот на владата на Република Македонија, г. Димитар Ковачевски, надевајќи се дека во овие два изминати, преостанати дена додека да истече рокот за аплицирање, ние ќе добиеме барем средба со него за да можат да добиеме објаснување и да разговараме за нашите коректни барања. Нашите конкретни барања ги кажавме и на пресот, ќе ги кажеме уште еднаш – итна корекција на огласот, на сумата којашто е предвидена во усвоената програма од Владата за 2022 година. Итно решавање преку измени во законите и донесување на подзаконски акти со цел да се институционализира и стандардизира превентивниот одговор на државата, значи да не зависиме од дискрециона политичка волја секоја година, и трето како што државата во овие две и пол изминати години наоѓање можности и начини за интервентно помагање финансиско и финансирање на бизнис секторот и на други сектори, очекуваме сериозно државата да најде начин и средства да ги покрие трошоците коишто граѓанските организации ги имаат во изминатите три месеци да ги одржат програмите, да не ги запрат без никаква најава. Бидејќи ние сме непрофитни организации, не сме бизнисмени, немаме никаков избор на средства, освен тоа што го трошиме како грантови и донации“,