Треба да се допрецизираат работите во однос на прикажувањето на трошоците пред додавањето на профитната маржа кај трговците. Ова е мислењето на директорката на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Анета Симеска-Димоска, по засилените контроли кои ДПИ ги прави на терен откако Владата ја укина или ја ограничи маржата за одредени производи. Во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ, таа кажа дека наидуваат на различна примена на одредбите кај трговците.
Владината одлука предвидува трговците јасно и прецизно да ги искажат трошоците за одреден производ и потоа да ја додадат соодветната дозволена маржа – четири проценти во трговијата на големо и три проценти во трговијата на мало. Но, не сите трговци имаат или даваат соодветна документација на увид за трошоците, па ДПИ не може да им ги прифати. На крај, се соочуваат со различно прикажани трошоци кај различни трговци за ист производ.

„На инспекторите не им се даваат пресметки на каков начин трговците дошле до одреден процент на трошоци кои тие ги ставиле на одредени производи, па така се соочуваме со ситуации некој да ни кажува дека има 33 проценти трошоци, некој има 16 проценти трошоци. Меѓутоа, јасно е дефинирано дека ние треба да ги прифатиме, а во одлуката е јасно искажанo дека трошоци се однесуваат на тие производи, а не на целото работење“,
посочи Симеска-Димоска.
Поради несоодветна или непостоење на документација за трошоците, ДПИ веќе има изречено повеќе мерки, вели Симеска-Димоска. Сите прекршоци се евидентирани во малопродажба, бидејќи дотаму стасале со контролите.
Меѓу другото, посочи директорката на ДПИ, инспекторатот е во постојана координација со Управата за јавни приходи и со Управата за финансиска полиција во однос на утврдувањето на неправилностите кај трговците и производителите, а и граѓаните во секој момент можат да се обратат до ДПИ и да пријават нерегуларности.