На денешната седница, Владата донесе и програма за спроведување на интервентен фонд во земјоделството, со цел ублажување на последиците од зголемувањето на производните трошоци за земјоделски култури и поддршка за сточарството
Намалување на расходите за стоки и услуги, забрана за набавки на мебел и возила, преполовување на трошоците за репрезентација, кратење на службените патувања… Тоа се дел од новите антикризни мерки што ги усвои Владата на денешната седница, со цел за рационализација на трошоците во јавниот сектор.
- Со овие мерки сите буџетски корисници и единки корисници се задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 проценти и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии најдоцна до 21 март;
- Мерките за рационализација забрануваат започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата;
- Владата ги задолжи сите буџетски корисници и правни лица основани од државата за 50 отсто да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и за користење на службените возила;
- Сите буџетски корисници и единки корисници добија задолжение да го намалат бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство;
- Владата ги задолжи јавните претпријатија и АД во државна сопственост да ги намалат тековните расходи за 15 отстои за тоа да ја известат Владата во рок од 15 дена. Согласно оваа мерка, јавните претпријатија основани од државата и АД во државна сопственост треба ги преработат своите финансиски планови и инвестициони програми и да ја информираат Владата во рок од 15 дена;
- Владата им препорачува на регулаторните тела, на единиците на локалната самоуправа, локалните јавни претпријатија и останатите установи кои се под надлежност на општините, да ги следат донесените владини мерки и да преземат активности за рационализација на нивните расходи;
Како што соопштија од Владата, буџетските корисници и единките корисници со овие мерки се задолжени до крајот на 2022 година, а на општините, јавните претпријатија, регулаторните тела, АД во државна сопственост и останатите субјекти во јавен сектор им се препорачува да ги почитуваат донесените антикризни мерки и да се воздржат од помалку суштинските расходи.
На денешната седница, Владата, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја донесе Програмата за спроведување на интервентен фонд во земјоделството.
Буџетските средства за оваа програма, во висина од 250 милиони денари се предвидени во буџетот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и се наменети за интервентни мерки за финансиска поддршка во земјоделството за ублажување на последици предизвикани од зголемувањето на производните трошоци за земјоделски култури во поледелското производство и за поддршка за сточарството.
Владата, како што соопштија оттаму, денеска ја одржа и 29. тематска седница, на која ги разгледа и усвои годишнините програми за работа и финансиските планови за 2022 година на јавните претпријатија, на агенциите, на акционерските друштва во државна сопственост и на другите служби и институции.