Секојдневно расте бројот на бегалци од кризните региони во Украина; Бегалската криза врвот го достигна на 6 и 7 март; Најголемиот дел од украинските бегалци, односно над 1,5 милион се во соседна Полска
Бројот на украински бегалци надмина 2,7 милиони од почетокот на руската инвазија врз Украина, со што оваа криза е окарактеризирана како најголемата бегалска криза од Втората светска војна.
Според последните податоци со кои располага Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), од Украина досега побегнале над 2,7 милиони луѓе, а само во последните 24 часа земјата ја напуштиле околу 100 000 лица.
Според УНХЦР, најголем број бегалци што ја напуштиле Украина е регистриран на 6 и 7 март, односно на единаесеттиот и дванаесеттиот ден од почетокот на руската инвазија.
Па така, на 6 март земјата ја напуштиле 206 876 лица, а следниот ден од Украина заминале 206 916 лица.
На 24 февруари, денот кога Русија ја започна својата воена инвазија во Украина, според податоците на УНХЦР, земјата ја напуштиле 85 382 лица.
Најголемиот дел од украинските бегалци, односно над еден и пол милион се во соседната Полска. Според последните податоци од УНХЦР, согласно 12 март, од Украина во Полска заминале 1 655 505 лица.
Во Унгарија се засолниле 246 206 украински бегалци, а голем дел од бегалците или вкупно 304 156 одлучиле засолниште да побараат во останатите европски земји кои не се соседни на Украина.
Најмал дел од украинските бегалци или вкупно 938 одлучиле да побегнат во соседна Белорусија, а во Руската Федерација пристигнале 105 897 бегалци од Украина.
Поврзани вести:
- Најбрзо растечка бегалска криза во Европа од Втората светска војна: Над 1,5 милиони луѓе ја напуштија Украина
- Борел: Ако продолжат бомбардирањата, Европа очекува да прими околу пет милиони бегалци
- Во Бугарија влегле над 38 илјади украински бегалци од почетокот на руската инвазија
- Над 50 илјади бегалци од Украина пристигнале во Германија