Спикерот Џафери за 17:30 закажа седница на Комисијата за финансирање и буџет, така што се очекува целата постапка за донесување на владините закони за ДДВ и за акцизи да заврши до крајот на денот
Со 98 гласа „за“, Собранието попладнево ја потврди потребата измените Законот за додадена вредност да бидат донесени по скратена постапка.
Потоа едногласно беше усвоена и потребата за донесување по скратена постапка на Законот за акцизи.
Откако сите присутни пратеници, и од власта и од опозицијата гласаа “за“, спикерот Талат Џафери закажа седница на Комисијата за финансирање и буџет во 17:30 часот, за да се разгледаат и амандманите што ги поднесе опозицијата на предлог-законите што ги подготви Владата. Џафери ја закажа комисиската седница затоа што Комисијата за финансирање и буџет е без претседател, откако Тимчо Муцунски беше избран за градоначалник на Аеродром.
Според Владата, измените и дополнувањата на законите за ДДВ и за акцизите треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати
И покрај едногласната поддршка за донесување на антикризните мерки по скратена постапка, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, имаше забелешки зошто мерките не се донесени порано.
„Наместо сега да глумите загриженост и да свикувате итни седници, вакви мерки можеа да бидат донесени уште пред две недели, кога ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе своите предлози. Така ќе се спречеше создавање паника кај граѓаните“,
рече Мицевски.
Тој побара уште денеска да заврши комисиската расправа и собранискиот пленум да ги усвои двата закона и тие веднаш да бидат објавени во „Службен весник“ за да може да стапат во сила.
Спикерот Џафери рече дека предлог-законите за ДДВ и за акцизи, што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ, исто така, во скратена постапка, се на дневен ред на новата седница што е закажана за 15 овој месец. Тој рече дека за денешната седница може да се каже и дека е итна, затоа што ја закажал веднаш по пристигнувањето на владините предлози во Собранието, а поради сериозноста на ситуацијата, наместо да чека најмалку 10 дена, како што предвидува Деловникот.
Опозициските партии во Собранието поднесоа десетина амандмани на законите што ги подготви Владата.