Меѓу другото, на Самитот во Версај лидерите на земјите членки на ЕУ ќе разговараат и за можноста за „отстранување“ на зависноста на блокот од рускиот гас, нафта и јаглен
Лидерите од ЕУ денеска ќе одржат самит во францускиот град Версај и ќе се обидат да најдат начини да се справат со последиците од руската инвазија врз Украина што ја „разниша“ економијата на блокот и ја изложи потребата за посилна одбрана.
Состанокот во Версај требаше да биде највисоката точка на шестмесечното претседателство на Франција со ЕУ, но претседателот Емануел Макрон наместо тоа ќе го предводи кризниот Самит за да одговори на нарушувањето на децениската стабилност во Европа од страна на рускиот лидер Владимир Путин.
„Руската агресивна војна претставува тектонска промена во европската историја“,
се вели во нацртот на завршната декларација на дводневната средба.
Лидерите ќе разговараат за тоа како ЕУ може да ги исполни своите одговорности во оваа нова реалност штитејќи ги своите граѓани, вредности, демократии и европскиот модел.
Лидерите на ЕУ, исто така, ќе се обидат да напредуваат на начините на кои Европа може да го изгради својот суверенитет во високочувствителните сектори, вклучувајќи ги полупроводниците, производството на храна и особено одбраната, а ќе се разговара и за можноста за „отстранување“ на зависноста на блокот од рускиот гас, нафта и јаглен.
Западните сојузници развија низа антируски санкции чии ударни ефекти ја разоткрија опасната зависност на Европа од Москва за гас и нафта, реалност на која состанокот ќе бара начини да се реши.
Околу една четвртина од увозот на нафта во ЕУ доаѓа од Русија, а ЕУ од Русија увезува околу 40 отсто од својот природен гас. Германија, најголемата европска економија, е особено зависна од протокот на енергентот, заедно со Италија и неколку земји од централна Европа.
Вчера претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен истакна оти земјите членки на Европската Унија веќе купиле доволно течен гас за да обезбедат независност од рускиот гас до крајот на зимата, што е за помалку од две недели.
На 8 март Европската комисија претстави план за намалување на зависноста од увозот на руски гас за две третини до крајот на 2022 година.
Според планот, ЕУ ќе стане независна од руските фосилни горива до 2030 година.