Во 13 часот најавена е и прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски со повеќе министри од Владата
По вчерашните три, Владата денеска ќе одржи нова седница. Ова, според најавата, ќе биде редовна 24-та седница, а почетокот е закажан во 12 часот.
Од владината прес-служба нема детали за точките од дневен ред, но вчера во „Топ тема“ на ТВ Телма беше најавено дека најверојатно во текот на денешниот ден ќе се донесат две крупни мерки како одговор на ценовната криза.
Според неофицијалните информации на телевизијата, најверојатно, едната ќе биде намалување на акцизата за горивата за 30 отсто, иако се разгледувале и сценарија за намалување за 10% или 20%. Втората мерка, пак, ќе се однесува на укинување на ДДВ за конкретна ограничена листа на прехранбени продукти, за струјата и за парното.
Во 13 часот најавена е и прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски на која ќе присуствуваат и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за финансии и економија Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, како и министерот за земјоделство Љупчо Николовски и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.