Од Министерството за земјоделство велат дека се работи на воспоставување на нов модел на осигурување – „Земјоделски осигурителен пул“ кој ќе ги заштити земјоделците од штети при временски непогоди, но и ќе ја забрза исплатата на обесштетувањата
Владата на денешната седница донесе одлука за исплата 4,5 милиони евра за штети кои ги претрпеле земјоделците од елементарни непогоди, соопшти Министерството за земјоделство.
Станува збор за исплата на штети за непогодите кои ги претрпеле земјоделците во 2016, 2017 и 2018 година.
„Висината на обесштетувањето ќе биде 10 отсто од вкупно проценетата вредност. Со одлуката се опфатени 35 елаборати поднесени од 29 општини, ќе бидат обесштетени над 9 100 граѓани и правни субјекти“,
велат од Министерството за земјоделство.
Дополнително, ќе се исплати обесштетување за непогодите врз земјоделските посеви од минатата година во општините Росоман, Демир Капија, Ранковце, Карбинци и Богданци. Вкупниот процент за обесштетување за овие пет општини е 10 отсто од проценетата штета и ќе бидат опфатени 1 072 физички и правни лица.
„Имајќи предвид дека осигурувањето претставува гарантирање на производството, одржување на земјоделските насади и правилно планирање на земјоделскиот развој, МЗШВ веќе работи на воспоставување на ’Земјоделски осигурителен пул‘ како нов модел на земјоделско осигурување. Овој пул претставува систем којшто ќе има за цел да ги заштити земјоделците од штети од елементарни непогоди од една страна, и од друга страна да го забрза процесот на обесштетување на самите земјоделци“,
додаваат од Министерството за земјоделство.