Министерот Резников вели дека има најмалку 400 цивилни жртви и 800 повредени, иако податоците се нецелосни
Украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников денеска изјави дека во руските воени акции од 24 февруари досега се убиени 38, а повредени над 70 деца, според најновите проценки на жртви и штети.
Во видеообраќање, Резников изјави дека има најмалку 400 цивилни жртви и 800 повредени, иако податоците се нецелосни.
Резников изјави дека во руските напади се уништени повеќе од 200 украински училишта, 34 болници и 1 500 станбени згради.
Според проценките на украинските власти, околу 10 илјади странски студенти, од Индија, Кина и Персискиот Залив, се заробени во борбите.
Резников тврди дека украинските сили убиле над 11 илјади руски војници.
„Руските освојувачи пукаат врз хуманитарните коридори низ кои цивилите се обидуваат да побегнат“,
изјави Резников, без да прецизира каде се случува тоа.
Бројките што денеска ги соопшти украинскиот министер се поклопуваат со оние на Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации кои денеска ги обновија податоците што ги објавија пред два дена.