Филипо Гранди, високиот комесар на ОН за бегалци, претходно го нарече масовниот егзодус од земјата најбрзо растечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна
Бројот на бегалци кои бегаат од војната во Украина надмина два милиони, објавија денеска ОН.
Филипо Гранди, високиот комесар на ОН за бегалци, ова го објави денеска на Твитер. Тој претходно го нарече масовниот егзодус од земјата најбрзо растечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна.
„Тоа ќе биде покомплексно прашање за европските земји да се справат понатаму и ќе треба да има уште поголема солидарност од сите во Европа и пошироко“,
рече тој, цитиран од новинската агенција АФП.
Според него балканските војни во Босна и Косово доживеале егзодус на „можеби два до три милиони луѓе, но во период од осум години“. Додека другите делови на светот забележаа слични движења, „во Европа, тоа е прв пат по Втората светска војна“.
Today the outflow of refugees from Ukraine reaches two million people.
— Filippo Grandi (@FilippoGrandi) March 8, 2022
Two million.
Најголем број од нив се во Полска.

Според полската гранична стража, 1,2 милион луѓе побегнале од Украина во Полска од почетокот на војната.
Само во понеделникот, 141 500 луѓе ја преминале границата, објавија на Твитер – нешто под неделниот дневен рекорд од 142 300.
Околу 90 отсто од луѓето кои бегаат се украински државјани, главно жени и деца. Експертите проценуваат дека околу 40% од бегалците веќе ја напуштиле Полска во други земји.
Во Полска и претходно живееја многу Украинци – проценките се движат меѓу еден и два милиони луѓе – така што се смета дека бегалците кои доаѓаат одат кај семејствата или пријателите.
Илјадници Полјаци ги пречекуваат бегалците и во своите домови, а денеска полскиот Парламент ќе расправа за вонредна легислатива за компензација на дополнителните трошоци.
Законодавството, исто така, ќе им овозможи на Украинците да живеат и работат во Полска 18 месеци и да добијат бесплатна здравствена заштита и школување.
Бројот на Ураинци кои пребегале во другите земји е:
-Унгарија 191 000
-Словачка 141 000
-Молдавија 83 000
-Романија 82 000
-Русија 99 300
-Белорусија 45
Од ОН велат дека повеќе од 183 000 луѓе се преселиле од овие земји во Европа.
Потпретседателката на Европската комисија Вера Јурова изјави дека Комисијата се подготвува за, можеби, осум милиони бегалци од војната во Украина, кои најмногу ќе престојуваат во земјите од Централна Европа кои им се културно и јазично поблиски и каде што имаат роднини.