Пишува: Зоран Нечев, експерт на BiEPAG (The Balkans in Europe Policy Advisory Group), поддржана од European Fund for the Balkans
Берлинскиот процес е најдобрата можност за регионална соработка на земјите од Западен Балкан и нивното идно членство во Европската Унија. За да се објасни зошто Берлинскиот процес мора да продолжи, најпрво треба да се разбере зошто воопшто бил започнат.
Берлинскиот процес започна во 2014 година, откако претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави оти нема да има проширување на Европската Унија без негова контрола. Тоа беше период кога за земјите од Западен Балкан процесот за пристап кон ЕУ беше во ќор-сокак.
Политичкиот инстинкт на поранешната германската канцеларка Ангела Меркел и разбирањето на политиката што го придружуваше проширувањето на ЕУ беше од суштинско значење за раѓањето на Берлинскиот процес. Целосно свесен за одговорноста на Германија, за мирен, поврзан и демократски Балкан, Берлинскиот процес беше инициран за да го врати регионот на патеката за пристапни преговори кон ЕУ. Тоа значеше интензивирање на регионалната соработка, работење на одржлив економски раст и резолуција за решавање на билатералните прашања.

За последното, фокусот е ставен на дијалогот помеѓу Македонија (тогаш именувана како ФИРОМ Македонија) и Грција и дијалогот помеѓу Белград и Приштина. Додека едно од овие билатерални прашања беше решено со укинувањето на грчкото вето и донесувањето одлука на Советот за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија, другото останува во ќор-сокак. Главната причина за продолжување на Берлинскиот процес е враќање на земјите од Западен Балкан на патеката за пристапни преговори кон ЕУ, со тоа што најмалку четири од шест земји ќе го започнат преговарачкиот процес.
Иако нејзиното билатерално прашање со Грција беше решено и Северна Македонија се врати на преговарачкиот пат за отпочнување на пристапните преговори, земја-членка на ЕУ се појави од зад Грција и го блокираше пристапниот пат на земјата, кој веќе беше обновен од Франција со новата Методологија.
Бугарија го искористи своето право на вето, целосно поткопувајќи го успехот на Преспанскиот договор и меѓународните напори вложени во него. Со тоа, ја спречи Северна Македонија да ја собере својата заслужена награда. Oсновите беа чисто националистички и немаа никаква врска со Договорот за пријателство меѓу двете земји, кој претходно беше потпишан. До денес, од ниту еден бугарски функционер нема јасна изјава за тоа кој елемент од договорот за пријателство не бил запазен. Исклучителното субјективно објаснување од Софија беше оти духот на Договорот не бил испочитуван од македонската страна.
Сега, кога Софија има нова политичка постава, како и Скопје, враќањето на довербата меѓу двете страни не изгледа невозможно. Сепак, секое решение на штета на едната страна нема да доведе до здрави билатерални односи и вистински трансформативен ЕУ процес.
Кога станува збор за билатералните прашања, се враќаме на почеток, во 2014 година, кога започна Берлинскиот процес. Единствената разлика е во тоа што некои од актерите се сменија. Втората важна причина за продолжување на Берлинскиот процес е надминување на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија и потребата за пробивање на дијалогот Белград-Приштина.
Берлинскиот процес, со Германија на возачкото столче, создаде ефект на социјализација кај политичките лидери од Западен Балкан и кај лидерите од одредени земји-членки на ЕУ. Негувањето и надградбата на овој елемент е мошне важно за регионалната соработка на Балканот и европската иднина на овие земји, што претставува уште една многу важна причина за продолжување на Берлинскиот процес. Ова е особено точно со оглед на тоа дека кредибилитетот на ЕУ е целосно исчезнат во овој дел од Европа по дебаклот кој беше неуспех за отпочнување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија.
Германија беше перцепирана како сигурен партнер на земјите од Западен Балкан. Новата влада во Берлин треба да покаже оти посветеноста сè уште постои без оглед на промената на нејзиното раководство, а најлесен начин да се направи тоа е овие земји да се вклучат преку Берлинскиот процес.
Овој процес е назначен како „највисоко рангирана политичка иницијатива“ во Западен Балкан, главно поради привлечноста што ја генерира меѓу политичките лидери, бизнис заедницата и граѓанските организации. Германија беше клучна во градењето доверба меѓу Северна Македонија и Грција, што, пак, резултираше со потпишувањето на Преспанскиот договор. Токму Берлинскиот процес создаде средина што доведе до прва посета на албански премиер во Србија, по 68 години. Досега се навикнавме да ги гледаме Рама и Вучиќ како разговараат за регионални прашања, но тоа не би било можно без Берлинскиот процес.
Берлинскиот процес неизмерно придонесе во пристапниот процес кон ЕУ. Од шесте водечки иницијативи во кредибилната перспектива на проширувањето на ЕУ за 2018 година, четири беа промовирани директно преку Берлинскиот процес – поврзување, социо-економски развој, добрососедски односи и дигитална агенда. Заедничкиот регионален пазар (ЦРМ) промовиран од Регионалниот совет за соработка, заснован на четирите слободи на ЕУ и движејќи го регионот кон единствениот пазар на ЕУ, беше исто така поттикнат преку Берлинскиот процес.
На Западен Балкан му е потребен Берлински процес 2.0, рационализиран меѓувладин процес кој ќе се фокусира главно на политичките и економските прашања од стратегиско значење, дополнително ќе ја зајакне регионалната соработка и ќе го отвори патот за европската иднина на регионот.
Оригиналниот текст на Зоран Нечев на англиски јазик може да го прочитате тука