Теренската анкета на ИРИ, која, меѓу другото, го мери и рејтингот на политичарите и на партиите, е спроведена во последните месеци од минатата година, односно по локалните избори, а пред изборот на новата влада
СДСМ ја заврши минатата 2021 година со понизок рејтинг за четири процентни поени од ВМРО-ДПМНЕ, а откако владејачката партија доживеа пораз на локалните избори во октомври, по што следуваа промени во партискиот врв и во Владата.
Според последната анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија, спроведена во периодот од 27 ноември до 23 декември 2021 година, ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка од 20 отсто од испитаниците, веројатно, би била победник и на парламентарни избори што би се одржале веднаш по локалните. СДСМ, пак, би бил второрангирана партија, со 16 проценти поддршка.
Тоа значи мал пад на рејтингот на СДСМ во споредба со претходните анкети на ИРИ, во март 2021 и во февруари 2020 година, како и позначителен пораст на довербата во ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето за кого би гласале ако оваа недела се одржат парламентарни избори, ДУИ во целиот период од февруари 2020 до ноември минатата година е со поддршка од седум отсто.

Кон крајот на минатата година, Зоран Заев, замина од лидерското место во СДСМ со повисок рејтинг за само еден процентен поен од неговиот главен ривал Христијан Мицкоски, според процентите во анкетата на ИРИ. И покрај поразот на СДСМ на локалните избори, Заев, со девет проценти, се задржал на врвот листата на доверба кон политичарите, сепак, забележувајќи значителен пад (од безмалку 50 проценти) во споредба со 2018 година. Наспроти тоа, довербата во Мицкоски се зголемила од два на осум проценти во периодот од пред три години.


Во анкетата на ИРИ има прашања и за тоа кои тројца министри во претходната Влада најдобро, а кои најслабо ја извршувале функцијата. И на двете листи прворангиран е претходниот премиер Заев, кого 11 отсто од испитаниците го ставиле како прв на листата на членови на Владата кои најдобро ја извршуваат работата, а на 17 проценти им бил прв избор на листата на министри кои не ја вршат работата како што треба. Следни на „позитивната листа“ се двајца од министрите кои не се веќе дел од извршната власт: Венко Филипче (за здравство) и Никола Димитров (вицепремиер за евроинтеграции). На „негативната“ листа, пак, по Заев следуваат Артан Груби (кој остана прв вицепремиер) и Мила Царовска (поранешната министерка за образование), а потоа следуваат Љупчо Николовски (кој ротираше од вицепремиер за борба против корупција во министер за земјоделство) и Оливер Спасовски (кој остана министер за внатрешни работи).


Истражувањето го спроведе БРИМА, за потребите на Центарот за анкетни истражувања на ИРИ, во периодот од 27 ноември до 23 декември 2021 година, преку интервјуа со 1 226 испитаници.
ИРИ наведува дека анкетата беше спроведена во период на претходниот владин состав и пред инвазијата на Руската Федерација врз Украина. Анкета е спроведена со поддршка од Националниот фонд за демократија.
Истражувањето, исто така, покажува зголемување на кинеското и руското влијание, недостиг на транспарентност во политичките партии и поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“.