Повеќе од 1,5 милиони бегалци од Украина преминале во соседните земји за 10 дена, изјави шефот на Агенцијата за бегалци на ОН, Филипо Гранди
Во објава на Твитер, Гранди ја нарече „најбрзо растечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна“.
Во меѓувреме, германското Министерство за внатрешни работи изјави за Си-Ен-Ен дека речиси 38 000 луѓе пристигнале во земјата од Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
Сепак, со оглед на отсуството на гранични проверки меѓу Полска и Германија, реалниот број на луѓе кои доаѓаат може да биде значително поголем, соопшти Министерството.
Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, во изјава за германскиот весник „Билд ам Зонтаг“ рече дека Германија ќе биде домаќин на бегалците кои бегаат од војната во Украина, без разлика на нивната националност.
Бројот на бегалци е висок и во Унгарија и Романија.
Но, не секој одлучува да остане во земјите во кои првпат ќе пристигне од Украина. На пример, 140 000 лица, кои пристигнале во Романија, во текот на првите осум дена од војната отпатувале за други земји, а во земјата останале околу 60 000, наведе УНХЦР.
Германскиот експерт за миграција Џералд Кнаус процени дека Европа може да очекува прилив од 10 милиони украински бегалци.