„Апелираме до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО“, се наведува, меѓу другото, во предлог-декларацијата за која денеска ќе расправа Комисијата за надворешна политика
Предлог-декларација за поддршка на Украина е на дневен ред на денешната попладневна седница на собраниската Комисија за надворешни работи.
Документот е насловен „Декларација на Собранието за осуда на политиките кои го доведуваат во прашање постоењето на европските држави и поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“.
Декларацијата е на предлог на ЛДП, а претседателот на Комисијата за надворешни работи Антонијо Милошоски вчера рече дека се надева дека парламентарните партии ќе се усогласат Собранието да донесе декларација за Украина.
„Најостро осудувајќи го ‘безобѕирниот’ руски напад врз Украина, како чин на агресија којшто го доведува животот на безброј цивили во опасност и во насока на поголема и посилна европска интеграција, заштита на европскиот и светскиот правен поредок заснован на Повелбата на ОН, Завршниот акт од Хелсиншки и другите европски безбедносни и демократски институции. Свесни дека мирот и заемниот соживот се единствениот начин да се зајакнат демократските темели на државата и на општеството, апелираме до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО“,
се наведува во декларацијата.
Македонскиот државен врв, политичари и од власта и од опозицијата го осудија рускиот напад на Украина. Земјава, исто така, се приклучи на санкциите на ЕУ кон Москва.