Кога претседателот на МАНУ вели дека „секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални и недостоинствени документи, а такви се трите документи (Преспанскиот, договорот со Буагрија и уставните измени) наметнати од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст“, дали е доволно да каже дека соопштува личен став, а притоа зборува на годишна конференција на Академијата?
Академик Таки Фити вели дека му кажал на Коцарев дека треба да се биде многу внимателен колку и да се оградува дека станува збор за личен став, академик Абдулменаф Беџати не ја гледа научната основа за ваквите тврдења, а новинарот Александар Чомовски смета дека Коцарев е „политички провокатор“
Македонската академија на науките и уметностите е највисоката научно-творечка установа во земјава. Во ноември 2019 година за нејзин нов претседател беше избран академик Љупчо Коцарев, признат научник од областа на физиката, техничките и компјутерските науки и во земјата и во странство.
По изборот, тој најави различен пристап на МАНУ кон горливите прашања.
„Мое мислење е дека МАНУ треба со научно фундирани документи да се обиде да даде одговор, со истражувачки пристап, да даде одговор на оние прашања коишто се важни за Македонија. Не сакам да влегувам во дневно-политички теми, тоа нема да го прави МАНУ, меѓутоа со наука сакам, и со уметност, сакам да допринесам во развојот на Македонија“,
вели Коцарев. (26 април 2020г.)
Коцарев, а со тоа и МАНУ, брзо се наметнаа во јавноста, но најчесто не баш од „научно фундирани“ причини. Во декември 2020 година Коцарев стави потпис на документ заедно со поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. „Македонски манифест“ беше името на меморандумот, кој беше потпишан и од ректорот на УКИМ.

Ставовите во манифестот беа на линија на она што Академијата веќе го зазеде како став во однос на македонскиот јазик и народ во контекст на преговорите со Бугарија. Но, симбиозата меѓу црквата и МАНУ беше дочекана со критика, на што Коцарев имаше свој одговор.
„Секуларноста е принцип на одвојување на владините институции како и личностите одредени да ја претставуваат државата од религиските институции и религиозните достоинственици. МАНУ, де јуре, не е дел од органите на државната управа и не е дел од владините институции, а претседателот ја претставува единствено Академијата, која, де факто, не е никогаш и никогаш нема да биде владина институција“,
рече Коцарев. (30 декември 2020г.)
Во јануари 2021-ва, Коцарев повторно даде контроверзна изјава – повеќе политичка отколку научна.
„Сведоци сме дека многу брзо спогодбата од Преспа прерасна во извор на регионална дестабилизација за што мора да се проговори отворено и со научни аргументи“,
смета Коцарев. (04 јануари 2021г.)
Истиот месец, во интервју за „Слободен печат“, ги обвини „меѓународните играчи“ за состојбите во земјата.
„Бевме први во регионот по многу прашања, останува горчлив вкусот дека Македонија се перципира само како геополитичка лабораторија во која меѓународните поголеми ‘играчи’ тестираат свои ‘рецепти’ за стабилизација, соживот и институционална трансформација“,
вели тој. (25 јануари 2021г.)
Веќе следниот месец шефот на Академијата се прослави со лажна изјава – дека Владата сака да ја затвори Катедрата по македонски јазик на УКИМ.

„Се брише се што носи македонско име, се урива македонистиката на Филолошкиот факултет. Темелникот на македонската државотворност. Жално“,
изјави Коцарев. (28 февруари 2021г.)
По кратка преписка со деканката на Филолошкиот факултет, Коцарев се извини. Но, продолжи да изнесува тврдења кои ниту се од неговата стручна област, ниту се базираат на докази, а се употребливи во дневната политика. Кулминацијата се случи минатата недела, при обраќањето на годишното собрание на МАНУ.

„Според мое мислење, сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се и Договорот за добрососедство со Бугарија и преспанската спогодба претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија. Во врска со македонскиот опстој би сакал да нагласам дека, според мое мислење, бугарскиот Договор, преспанската спогодба и промената на Уставот заедно претставуваат извор на нестабилност во регионот од едноставна причина – секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални и недостоинствени документи, а такви се трите документи, наметнати од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст“,
рече Коцарев.

До 2018 година Македонија беше признаена како Република Македонија од над 130 земји, вклучувајќи ги трите супер сили Кина, Русија и САД, продолжи Коцарев.
„Преспанската спогодба не само што ги избриша горенаведените факти, туку покажа дека САД се подготвени да жртвуваат еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи соочување со сеништата од минатото на нашите соседи, што може да доведе до распаѓање на Македонија и до обновување на регионалниот поредок“,
додава тој.
По обраќањето следуваше аплауз што не значи и дека сите академици се согласуваат со Коцарев.
Некои, како Катица Ќулавкова, имаат слични ставови и го поддржуваат што беше евидентно од обраќањето на истиот настан.

„Опстанокот на македонската нација е доведен во прашање, а без нација нема стабилна и просперитетна држава. Ние денес, сѐ во име на демократијата од којашто нема трага оти и по Устав сме мултидемократска и мултиетничка држава што е нон сенс оти општеството е мултиетничко, секое општетво, без исклучок, освен ако не се работи за некои племенски заедници изолирани од цивилизацијата, инаку сите општества се мултиетнички но не и државите да фукционираат како мултиетнички или да има мултиетнички партиски систем, блокови, кампови и кампуси, како ги нарекуваме ние, мултијазична и мултирелигиска до тој степен на опшстествена и институционална ентропија што всушност ја претворивме државата во нестабилен конструкт без интегративни фундаменти, во збир на заедници, групи и партии без национален и државен консензус, без идеали, без визија за иднината, без самопочит, без углед во меѓународните кругови“,
рече Ќулавкова.
Други, како поранешниот претседател на МАНУ, Таки Фити, иако „во ракавици“, признаваат дека настапите на Коцарев се проблем за кој се разговарало и внатре во институцијата.

„Од она што и јас сум му кажал на претседателот и што разговаравме често е меѓу другото дека тука треба да бидеме многу внимателни бидејќи од позицијата на претседател, и колку и да се оградувате сепак тоа се перципира како став на МАНУ и тука има различни ставови. Сега пазете, различни погледи и мислења и ставови во МАНУ се сосема нормална работа и не можете вие некому да му натурате став ваков или онаков. Имаме несогласувања за некои работи, клучни, значајни, но видете, само доколку некое мислење помине низ органите, низ претседателство и низ собранието на МАНУ тогаш тоа би бил официјален став, а такви официјални ставови за крупни прашања некогаш тешко може да се донесат“,
рече Фити. (25 февруари 2022г.)
Не е многу поразлично ниту мислењето на академик Абдулменаф Беџети. И тој забележува дека Коцарев во своите јавни настапи потенцира дека говори од свое лично име за некои работи, но и дека тоа не е доволно.

„Лично мислам дека МАНУ не треба да се користи за пораки, особено чија природа не соодветствува со научни основи и кои не се резултат од некој научен проект, да се впуштате во коментари од различна природа, уште повеќе кога не сте ни од таа област. Така што, ова е мое лично мислење, претседателот Коцарев, од овој аспект, мислам дека пак се впушти во прашања за кои нема ниту свои научни студии, ниту пак други кои научно ќе се докажат, туку се нормативни мислења, на еден научник, во овој случај, од информатичка област, и да препорачате одредени решение во општествени науки, историски, мислам дека е малку преголема слобода“,
смета Беџети.
Беџети смета дека Коцарев требало да внимава и на контекстот и на тајмингот.
„Во услови кога сме во овој контекст на руско-украинска криза да ја ставите под сомнеж потребата и да најавите дека Договорот од Преспа, во овој случај, решавањето на името со Грција и промената на Уставот истовремено и Договорот за пријателство со Бугарија се три документи кои на некој начин ги загрозуваат не само идентитетот, туку и државата, во услови кога овие документи овозможија ние да сме членка на НАТО и замислете да не го имавме овој статус во оваа глобална криза и посебен регионален интерес, а постапките на Руската Федерација биле евидентни во регионот и продолжуваат да бидат. Значи, денеска кога имаме конкретна ситуација, да констатираме дека ова се документи кои го загрозуваат државниот интегритет, не само идентитетските прашања, мислам дека е многу субјективно“,
додава тој.
Мислење за настапите на Коцарев побаравме и од еден од најискусните новинари во земјава, Александар Чомовски. Тој има предвид дека академик Коцарев е еден од најцитираните автори од земјава во својата област, но и дека не е најсреќен познавач на политичката реторика.

„Внимавате, тој вели Македонија може да биде пион, нели, не е важно дали американски итн. Но, ако се изразиме со тој шаховски речник веројатно знае дека некогаш и пионите ја добиваат шаховската партија со мат“,
вели Чомовски.
Според Чомовски, сепак, проблематично е местото од каде Коцарев го соопшти својот личен став за политички прашања.
„Тоа лично мислење на Коцарев може да биде вон, да речеме, условно, официјалната промоција на годишното собрание и неговото излагање каде што треба да имаме што сѐ МАНУ направила изминатите години. Коцарев во основа е, како да ви кажам, своевиден политички провокатор затоа што на научниците тоа им е својствено – да провоцираат и по идеите и по реториката и по начинот на дејствувањето“,
смета Чомовски.
Но и за провокациите, вели Чомовски, освен место се бира и време.
„Таму каде што згреши, условно да кажам, е фактот дека во релацијата и настапите мораш да имаш контекст. Тоа се случи еден ден пред руската агресија за која беше јасно дека ќе се случи, дека ќе настане голема геостратешка претумбација во светот. На тој план има две солуции што можеме да ги толкуваме, првата – тоа не е можеби и така лошо, да не предупреди дека не можеме да бидеме индолентни кон атаците на симболите и карактеристиките на македонската самобитност и држава, како што реков не можеме сите да дуваме во исто дувло, и на крајот на краиштата има уште еден контекст кога се работи за настапите на претседателот на МАНУ, а тоа е дека мора да има предвид кога настапува како претседател на МАНУ, а кога настапува како професор Коцарев“,
додава тој.
4-годишниот мандат на Љупчо Коцарев како претседател на МАНУ истекува на 31 декември 2023 година, една година и десет месеци од денес.