Свифт овозможува непречен и брз трансфер на пари преку границите и поврзува 11 000 банки и институции во повеќе од 200 земји
Забраната за Русија да го користи системот што го користат илјадници финансиски институции – ќе ја погоди банкарската мрежа на земјата и пристапот до средства. Сепак, тоа би било удар и врз други земји и компании бидејќи, на пример, купувањето нафта и гас од Русија би било нарушено
Одлуката за исфрлање на Русија од глобалниот платен систем Свифт ќе биде донесена во следните неколку дена.
Ова е една од последните изјави на еден од 27-те гувернери на Централната банка на Европа која ја пренесоа западните медиуми во врска со евентуалното исклучување на Москва од овој систем, опција којашто по рускиот напад на Украина се споменуваше како една од клучните економски санкции која може да се воведе за Русија.
„Свифт е само прашање на време, тоа ќе се случи наскоро, во наредните денови“,
вели гувернерот кој сакал да остане анонимен.
Кога станува збор за ставот на САД, пак, портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, претходно кажа дека забраната на Русија за користење на платниот систем Свифт останува опција.
„Никогаш не сме го симнале тоа од маса и сигурно нема да го симнеме ниту денес“,
рече таа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленск побара оваа забрана да биде итна за да се таргетираат финансиските срдства на Москва. Но, неколку земји, барем досега, имаа резерви.
Резерви кај некои држави
Министрите за надворешни работи на Европската унија веќе разговараа за забрана на Русија од Свифт системот, кој е клучна за непречена трансакција на пари ширум светот.
Според дипломатски извори, потегот се разгледува како дел од дополнителни санкции кон Москва по инвазијата на Украина.

Забраната за Русија да го користи системот што го користат илјадници финансиски институции – ќе ја погоди банкарската мрежа на земјата и пристапот до средства. Сепак, тоа би било удар и врз други земји и компании бидејќи, на пример, купувањето нафта и гас од Русија би било нарушено.
Шефот за надворешни работи на ЕУ, Јосеп Борел, рече дека исклучувањето на Русија од Свифт „е разгледувано“ од министрите за надворешни работи во петокот, но додаде дека потегот не добил „неопходна едногласност“.
Тој рече дека овој потег останува можност за „идно разгледување“.
Францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер, пак, вчера кажа дека санкцијата во однос на Свифт ќе се користи само како последно средство.
Германија беше една од земјите од каде доаѓаа резерви во однос на исклучувањето на Русија, но последните вести се дека германската влада ќе поддржи „таргетирано“ ограничување до пристапот во системот Свифт односно наметнување „целни и функционални“ ограничувања на членството на Русија.
„Она што ни треба е насочено и функционално ограничување“,
велат во заедничка изјава денеска германските министри за надворешни работи и за економија, Аналена Баербок и Роберт Хабек.
Тие посочуваат дека нивната влада работи на тоа како да ја ограничи „колатералната штета“ што би настанала од овие ограничувања и целта е ваквите санкции да влијаат на вистинските луѓе.
Секретарот за одбрана на Велика Британија, Бен Валас, се залага за ваква забрана, и за „Би-би-си“ уште во четвртокот изјави:
„Британија сака системот Свифт да не биде достапен за Русија. Но, за жал, системот Свифт не е во наша контрола. Тоа не е еднострана одлука“.
Што е Свифт?
Свифт е глобалната финансиска артерија која овозможува сигурен, непречен и брз трансфер на пари преку границите. Тоа значи Друштво за светски меѓубанкарски финансиски телекомуникации.
Создаден во 1973 година и со седиште во Белгија, Свифт поврзува 11 000 банки и институции во повеќе од 200 земји.
Свифт е еден вид систем за инстант пораки што ги информира корисниците кога плаќањата се испратени и пристигнати.

Испраќа повеќе од 40 милиони пораки дневно, додека трилиони долари се раменуваат меѓу компаниите и владите.
Се смета дека повеќе од 1% од тие пораки вклучуваат руски плаќања.
Кој го поседува и контролира Свифт?
Свифт беше создаден од американски и европски банки, кои не сакаа ниту една институција да развива сопствен систем и да има монопол.
Мрежата сега е во заедничка сопственост на повеќе од 2 000 банки и финансиски институции.
Тој е надгледуван од Националната банка на Белгија, во партнерство со големите централни банки ширум светот – вклучувајќи ги Федералните резерви на САД и Банката на Англија.
Свифт помага да се направи сигурна меѓународна трговија можна за своите членки и не треба да зазема страна во споровите.
Сепак, на Иран му беше забранет пристапот на Свифт во 2012 година, како дел од санкциите поради неговата нуклеарна програма. Земјата изгуби речиси половина од приходите од извозот на нафта и 30% од надворешната трговија.
Свифт вели дека нема влијание врз санкциите и секоја одлука за нивно наметнување е всушност на владите.
Како би влијаела забраната за Русија, но и на Западот?
Во случај на исклучување на Русија, руските компании би го изгубиле пристап до нормалните непречени и инстант трансакции обезбедени од Свифт. Плаќањата за нејзината енергија и земјоделски производи би биле сериозно нарушени.
Веројатно, банките ќе мора директно да се комуницираат една со друга, со што ќе има доцнења и дополнителни трошоци и на крајот приходите на руската Влада ќе бидат помали.

На Русија и се закануваше забрана од Свифт и претходно – во 2014 година кога го анектираше Крим. Русија тогаш рече дека овој потег ќе биде еднаков на објава на војна.
Западните сојузници не ја остварија заканата, но тоа ја поттикна Русија да развие свој систем за прекугранични трансфери.
За да се подготви за таква санкција, руската влада создаде Национален систем за платежни картички, познат како Мир, за обработка на плаќањата со картички. Сепак, малку странски земји во моментов го користат.
Меѓутоа, отстранувањето на Русија ќе им наштети на компаниите и државите кои снабдуваат стоки и купуваат од Русија, особено на Германија.
Русија е главниот снабдувач на нафта и природен гас на Европската унија, а наоѓањето алтернативни резерви нема да биде лесно. Со оглед на тоа што цените на енергијата веќе растат, натамошното нарушување е нешто што многу влади сакаат да го избегнат.
Компаниите кои должат пари од Русија ќе мора да најдат алтернативни начини за да добијат плата. Ризикот од меѓународен банкарски хаос е преголем, велат некои експерти.
Алексеј Кудрин, поранешен министер за финансии на Русија, посочи дека отсеченоста од Свифт може да ја намали руската економија за 5%.
Но, постојат сомнежи за евентуалното трајно влијание врз руската економија. Руските банки може да ги насочат плаќањата преку земји кои не воведоа санкции, како што е Кина, која има свој систем за плаќање.