Секој има право да бира и да биде избран на избори, гласи една од паролите на демократијата. Па, сепак, многу граѓани на земјава не можат да ги остварат тие права, на пример затоа што државни објекти ја немаат задолжителната инфраструктура за пристап до избирачко место
Дел од невладиниот сектор активно притиска лицата со попреченост конечно да бидат вистински вклучени во избирачкиот процес. Не само декларативно, туку со измени на Уставот и законите
Даниела Стојановска – Џинговска е дипломиран дефектолог, но е и сертифициран обучувач на општинските изборни комисии, како дел од тимот на Државната изборна комисија. Нејзините професионални задачи како обучувач на ДИК ги извршувала, како што вели и самата, соодветно и без проблеми сè до минатогодишните локални избори. Даниела е лице со физичка попреченост, а во некои општини и понатаму недостасува соодветна инфраструктура за пристап. Била приморана да се откаже од својата задача како обучувач.
„Она кадешто потфрливме оваа година беше тоа што јас како обучувач бев распоредена во општина Центар, во барака број 6, каде што локалната самоуправа беше непристапна. Не само што надворешноста беше непристапна, туку и тоалетот кој што поради мојата попреченост беше непристапен-беше чучавец и тоа беше еден од небулозните моменти што се случуваат во пракса“,
вели Стојановска- Џинговска.
По неможноста да ја изврши својата професионална должност и да биде обучувач во општината каде и било посочено, Државната изборна комисија излегла во пресрет, па на Стојановска-Џинговска и било понудено самата да одбере во која локална самоуправа сака да биде обучувач, а каде нема да и биде пречка непристапната инфраструктура.
„Верувајте, ако сала за обучување беше пристапна, не беше пристапен тоалетот. Или ако тоалетот беше пристапен, не беше пристапна салата и јас морав да се откажам“,
додава таа.
Ова е еден од примерите како лицата со попреченост се ставени во сенка на системот кој потфрла при нивната вклученост во избирачкиот процес во земјава. Својата приказна Стојановска-Џингова ја сподели на денешната јавна дебата токму на таа тема, која ја органзираше Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“.
На настанот беше презентирана и анализа спроведена од Институтот за човекови права, а во однос на етиката и интегритетот на избирачкиот процес за лицата со пореченост. Според анализата, спроведена врз основа на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (КПЛП), на секое лице со деловна способност, без разлика дали има физичка, интелектуална или друг вид на попреченост мора да му се овозможи правото активно да учествува во избирачкиот процес. Тоа значи дека лицето да има право да гласа, да биде гласано и да учествува во изборната администрација, преку обезбедување постапки за одвивање на изборниот процес кои би биле лесно пристапни и употребливи.
„Од расположливите податоци кои што ги имавме, лицата со попреченост се недоволно застапени и како гласачи и како кандидати, а не се избрани ни како членови во изборните органи, што е сосема спротивно на членот 29 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (КПЛП) во која државите се обрзани да преземат активни и пасивни мерки за нивна вклученост во изборниот процес“,
вели Кристина Дода – член на Институтот за човекови права кој ја спроведе анализата.
Според анализата, забележано е отсуство на посебни одредби во Изборниот законик кои ќе овозможат соодветно учество на лицата со попреченост во изборната администрација која во себе ги опфаќа Државната изборна комисија (ДИК), Општинските изборни комисии (ОИК), Изборната комисија на Град Скопје, Избирачките одбори и Избирачките одбори во Дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство.
Според тоа, како што посочија и од Институтот за човекови права и од невладината „Инклузива“, воведувањето на афримативни мерки за вклучување на лицата со попреченост во изборните органи, односно квоти, ќе влијае значително на зголемување на интегритетот на изборите, но и воопшто на интегритетот во демократското општество.
Како што нагласува Благица Димитровска од „Инклузива“, во однос претходните изборни циклуси, на минатогодишните локални избори е забележан одреден напредок во однос на вклученоста на лицата со попреченост во изборниот процес. Според податоците на „Инклузива“, кои ги пренесе и „360 степени“, на локалните избори минатата година, од вкупно седум лица со попреченост кои се нашле на советничките листи, тројца од нив биле носители на листите. Двајца од нив, пак, денеска се претседатели на совети, а еден е советник.
Поголемата вклученост во изборниот процес на минатогодишните избори меѓу другото е позитивен резултат на долгогодишното партнерство и соработка на „Инклузива“ со Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС, што го потврди директорката на Фондацијата, Јоана Козма.
„Дел од нашите напори се поголема инклузивност и партиципација на различни групи на граѓани во општеството. Преку истражувањата кои ги спроведуваме гледаме различни аспекти за тоа како различните групи на граѓани во општеството може да се вклучат во граѓанските активности и како всушност различните институции, политички партии или изборни администрации можат поефикасно да комуницираат во лицата со попречености во однос на потребите на овие групи граѓани“,
истакна Козма.
Како што претходно нагласи Благица Димитровска од „Инклузива“ застапеноста на лицата со попречености на минатогодишните локални избори е пријатно изненадување во однос на претходните изборни циклуси, но сепак, бројката на лица со попреченост во изборните процеси и натаму е симболична.
„Тоа е многу мал број. Затоа, сакаме да се воведат квоти за еднаква вклученост на лицата со попреченост во изборните процеси, кои вклучуваат присуство во изборната администрација, изборните набљудувачи но и општото учество на овие лица во процесот на гласање“,
вели Димитровска.
Воведувањето на квотите за активна вклученост на лицата со попреченост во изборниот процес би значело менување на Изборниот законик, а како што додава Димитровска, ќе бараат и менување на конкретната одредба од Уставот како и сите пропратни закони кои во своите сфери на делување ги регулираат изборните процеси.
Но, менувањето на законските рамки и воведувањето на квотите во Уставот зависи од политичките структури во Собранието кои одлучуваат за носењето на Законите.
Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која присуствуваше на денешната јавна дебата, истакна дека анализата за воведување на лицата со попреченост во изборниот процес доаѓа во вистинско време, затоа што, како што рече, „сега ние расправаме за измена на Изборниот законик и ова е едно од најважните прашања“ и додаде оти воведување на квоти е единствено можно решение за инклузија на овие лица.
„Едно од прашањата со кое треба да се занимаваме ние пратениците во Изборниот законик е ова. Ние ако чекаме на спонтано вклучување и освестување за еднаквоста на сите, барем половина век ќе ни биде потребен. Квотите се единственото можно решение и тоа не само во духот на членот девет туку и во духот на уште една заборавена темелна вредност-хуманост и солидарност“,
додаде Силјановска-Давкова.
Силјаноска-Давкова во своето излагање додаде оти треба да се воведе и посебен закон за правична и соодветна застапеност на овие лица во институциите, оти како што рече „правична и соодветна застапеност не значи дека списоците што ќе ги поднесат лидерите ќе се бидат прифатени соодветно“.
Таа истакна и дека ако во институции како Собранието или ДИК нема вклучено лица со посебни потреби, тогаш тие се невидливи. Затоа, како што додаде, „треба врз основа на тоа кој највеќе е потпреставен да има предност за ние да ги направиме видливи“.
„Многу пати јас велам дека изразот со попреченост не ми одговара. Попречена е државата што се откажува од ум, од знаење, од креација, што значи дека промовира или толерира нееднаквост“,
смета таа.