Павловски во континуитет во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот
На 84-годишна возраст вчера почина академик Радован Павловски поет, есеист и патописец, соопшти Македонската академија на науките и уметностите во која тој беше редовен член од 2006 година.
Роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Неговото семејство во 1940 година се враќа во Железна Река каде што го поминува своето детство и завршува основното образование, а средното во Гостивар. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Павловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. На 10 мај 2006 година е избран за редовен член на МАНУ.
Својот живот го посветува на поезијата, која ја твори повеќе од шест децении.
Автор е на книгите поезија: „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966), „Клима и лира“ (1966), „Езерска земја“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (1971), „Сонце за кое змијата не знае“ (1972, на хрватски), „Пир“ (1973, на хрватски), „Зрна“ (1975), „Молњи“ (1978), „Стражи“ (1980), „Магија момче“ (1981), „Чума“ (1984), „Клучеви“ (1986), „Марена“ (1986), Избрани дела во три тома (1986), „Темелник“ (1988), „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“ (1990, избор), „Бог на утрото“ (1991), „Светлина“ (1993), ,„Вселенски деца“ (1993, поезија за деца), „Јавач на звукот“ (1995), „Синот на Сонцето“ (1999), „Штит“ (2001), „На едно око“ (2002), „Свртничар на светлините“ (2004), „Господар на перото“ (2006), „Океан во капка“ (2008), „Заштитна повелба“ (2008), „Воспеви“ (2009), „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во три тома) и „Се случува вечност“ (2014).
Акад. Радован Павловски е коавтор (со акад. Богомил Ѓузел) на манифестот „Епското на гласање“ (1960) и автор на „Манифестот на Поетската Република Железна Река“ (1990), на патописот „Отклучување на патиштата“(1986), на книгата есеи „Што може поезијата?“ (1993), „Демократска џунгла“ (1994, политички есеи), „Порака на поетот до поетите на светот“ (1995, СВП) и „Поетиката на походот на Александар Македонски во цивилизациите“ (2009, есеј-студија).
Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезлото на ДПМ (2002) и Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011).
Исто така е добитник на странските награди: „Младост“ (југословенска награда за „Суша, свадба и селидби“, (1961), „Златна струна“ (југословенска награда на анонимен конкурс за песната „Железна Река“, 1975), „24-та Дисова пролет“ (југословенска награда за поетски опус – избор „Момчето што спие напладне“, 1978), Плакета на јубилејната 50. Дисова пролет (1987, како лауреат) и „Ристо Ратковиќ“ (југословенска награда за збирката песни „Темелник“, 1988), во 2009 година е добитник на меѓународната награда „Икона Шекспир“ за литература, наречена „Исконски добитник“, што ја доделува Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, а добитник и на Орденот за заслуга за народ со сребрени зраци. Американскиот биографски институт го прогласи за Личност на годината за 1997 како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати биографски дела“. Добитник е и на светското признание за животно дело за 1998 година (АБИ – САД). Во тринаесеттата едиција – интернационалното издание „Кој е кој меѓу интелектуалците“ од Интернационалниот биографски центар со седиште во Кембриџ, Англија, во 1999 година е објавена детална биографија и библиографија на животниот и творечки опус на акад. Радован Павловски.
„Акад. Радован Павловски во континуитет во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот. Повеќе книги со негова поезија се објавени и преведени во Македонија и надвор од неа: на српски, албански, словенечки, турски, француски, англиски, руски, чешки, романски, есперанто, шведски и бугарски јазик, а во голем број избори на творештвото и на германски, италијански, арапски, грчки и кинески јазик. Творештвото на акад. Радован Павловски е вклучено во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија“, соопшти денеска МАНУ која по повод смртта на акад. Павловски ќе одржи комеморативна седница.