Претседателот на Србија вели дека ставот на Белград е принципиелен и заснован на почитување на меѓународното јавно право
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека никој не бара Белград да се определува за кризата во Украина, бидејќи „тие го знаат“ српскиот став, кој, како што вели, е принципиелен и заснован на почитување на меѓународното јавно право.
Во интервју за телевизијата Танјуг, Вучиќ рече дека МНР ги следи настаните во Украина и потсети дека неодамна на граѓаните на Србија им било препорачано да размислуваат за напуштање на таа земја, пренесува „Н1“.
„Доколку е потребно, ќе помогнеме да се премести нашето население. Се надевам дека тоа нема да се случи“,
рече тој.
Тој, исто така, рече дека „нема идеја“ дали се вистинити информациите што ги изнесе рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, дека „платеници од Косово, Албанија и БиХ“ доаѓаат во Донбас и додаде дека „ќе побараме дополнителни информации од нашите руски пријатели“.
На прашање дали ќе се кандидира за нов претседателски мандат, тој одговори дека тоа е веројатна опција и дека одлуката за тоа ќе биде донесена во следните десет дена. Тој рече дека не би сакал да се кандидира за нешто без да може да го „обезбеди истото како порано или повеќе“.