Долгогодишниот новинар и добар познавач на црковните прашања, Бранко Ѓоргевски, вечерва во дебатното издание на „360 степени“, кажа дека надежта за признавање на автокефалноста на МПЦ ја гледа единствено во вселенскиот патријарх Вартоломеј.
„Тој покажува дека воопшто не се плаши од сите постапки кои кон него ги прави Руската, а и Српската православна црква. Неколкупати досега покажа дека тоа што наумил да го прави со МПЦ, ќе го спроведе. Каков ќе биде епилогот, ќе видиме, се надеваме дека ќе биде позитивен“,
вели Ѓорѓевски.

Тој го прокоментира и влијанието на Преспанскиот договор за решавање на статусот на МПЦ, како и тезите за добрите релации на вселенскиот патријарх Вартоломеј со политичката елита во Вашингтон.
„Може да се каже дека првото е врзано со Преспанскиот договор, знаеме дека тој проблем со уставното име се тргна. Ние плативме многу скапо за таа промена, па сега барем да се надеваме на бенефит од тоа големо откажување. За влијанието на Вашингтон, не би се согласил со тие тези што доаѓаат од Москва и Белград дека она што се прави овде, и што е направено во Украина, е резултат на политички влијание што Западот ги има врз Вартоломеј. Вселенскиот патријарх во 2016 г. се согласи со воведување на принцип на консензус кај првославните цркви кога се работи за добивање автокефалност. Значи, тој беше подготвен да се откаже од своето право сам да издава томоси за автокефалност, тоа беше еден голем потег од него. Меѓутоа, она што се случуваше со Вселенскиот собор на Крит, 2016 г., кога од Руската црква и други се бојкотираше Соборот, јасно покажа дека влогот е нешто друго и желбата на Москва е третиот центар на православието да се пресели од Истанбул во Москва. Тоа на вселенскиот патријарх му стана јасно и не сака да попушти“,
истакна Ѓорѓевски.