Меѓу другото, СЗО соопшти дека сите други варијанти на коронавирусот, вклучително алфа, бета и делта, продолжуваат да опаѓаат на глобално ниво бидејќи сојот омикрон ги истиснува
Бројот на нови инфекции со коронавирус во светот минатата недела се намали за 19 отсто, додека бројот на смртни случаи остана стабилен, покажува неделниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО), а пренесува српската Н1.
Здравствената организација соопштува оти според неделниот извештај што го изработува, минатата недела во светот биле пријавени нешто повеќе од 16 милиони нови инфекции со коронавирус и околу 75 000 смртни случаи.
Најголем број нови случаи се забележани во Русија, а бројот на заразени во Источна Европа е двојно зголемен во последните неколку недели, поттикнат од порастот на високо заразниот вид омикрон.
Меѓу другото, СЗО соопшти дека сите други варијанти на коронавирусот, вклучително алфа, бета и делта, продолжуваат да опаѓаат на глобално ниво бидејќи сојот омикрон ги истиснува.
Видот омикрон БА.2, пак, како што соопштува СЗО, се чини дека е во пораст и дека неговата распространетост е зголемена во Јужна Африка, Данска, Обединетото Кралство и други земји.
Од здравствената организација забележуваат и дека омикронот предизвикува поблаги симптоми на болеста од претходните видови на вирусот и дека во земјите со висока стапка на вакцинација, стапките на хоспитализација и смртност не се значително зголемени и покрај ширењето на омикронот.