Целата јавност гледа дека истата таа партија 10 месеци ги блокира законските измени со кои 4 700 наставници во основното и во средно образование ќе добијат трајно вработување и поголеми плати, велат од владејачката партија
Какво лицемерство, ВМРО-ДПМНЕ блокира закон за повисоки плати на наставниците, а предлага амандмани, реагираат од СДСМ во врска со корекциите што ги предлага опозицијата за законот за минимална плата.
„Лицемерен е амандманот на ВМРО-ДПМНЕ за усогласување на платите во јавниот сектор, кога целата јавност гледа дека истата таа партија 10 месеци ги блокира законските измени со кои 4 700 наставници во основното и во средно образование ќе добијат трајно вработување и поголеми плати. Како што Владата веќе најави и кажа на Економско-социјалниот совет, дијалогот за усогласување на платите во јавниот сектор ќе следува, секое усогласување на платите во јавниот сектор ќе се одвива низ преговори и социјален дијалог, а не преку несоодветни, популистички амандмани. СДСМ за четири и пол години во три наврати ја зголемува минималната плата и денес таа е двојно поголема отколку во 2017 година“,
велат од владејачката партија.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека со амандман ќе бара усогласување на платите во јавниот сектор, т.е. нивно скалесто зголемување во однос на минималната. ВМРО-ДПМНЕ бара износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата. Така, според партијата, наставниците кои имаат коефициент 2 503, и земаат нето-плата од 24 782 денари, би требало да земаат нето-плата од 45 054 денари.