Опозицискиот лидер паралелно очекува доследно почитување на колективните договори и на коефициентите за сложеност на работните места, како и ребаланс на буџетот и зголемување на дотациите за општините
Едногласна поддршка во парламентот за зголемување на минималната плата најави претпладнево лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Но, во статус на Фејсбук, тој нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ за возврат ќе бара доследно почитување на колективните договори и на коефициентите за сложеност на работните места, како и ребаланс на буџетот и зголемување на дотациите за општините.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи зголемувањето на минималната плата во парламентот, едногласно, но истовремено ќе интервенира амандмански во законот и ќе бараме доследно почитување на колективните договори и на коефициентите на сложеност на работните места, кога се исплаќаат платите на сите вработени во администрацијата. Да има за сите, а помалку да има корумпираната Влада да краде. Очекуваме веднаш ребаланс на буџетот и зголемување на дотациите за општините од страна на Владата за целосно почитување на правата на сите вработени во образованието, градинките и администрацијата“,
пишува Мицкоски откако синоќа во Владата беше постигната согласност за зголемување на минималната плата на 18 илјади денари.
Тој оценува дека договорот за покачување на „минималецот“ бил постигнат на спектакуларен начин.
„Со високо кренати раце, лакејот и Ковачевски го прославија ‘невидениот’ успех постигнат со Владата. Истата таа влада до 4 февруари оваа година, за нешто повеќе од еден месец, сите македонски граѓани ги задолжи за дополнителни 135 милиони евра или секое семејство за речиси 17 илјади денари“,
посочува Мицкоски..
Истовремено, како што вели, очекува од СДСМ конечно да се оддели од политиките на Зоран Заев и да ја поддржи декларацијата за Гоце Делчев.
„На денот кога се навршија 150 години од раѓањето на големиот македонски син Ѓорѓи Делчев, ниту Пендаровски ниту Ковачевски се осмелија да изустат, а камоли да напишат дека Ѓорѓи Делчев бил Македонец, историчарот Ѓорѓиев тврди дека Бугарија во Втората светска војна не била фашистички окупатор, а СДСМ одбива да ја поддржи декларацијата која ВМРО-ДПМНЕ ја предложи во парламентот за великанот македонски Ѓорѓи Делчев со изговор дека тоа било факт. За истиот тој факт и Ковачевски и Пендаровски се плашат дури и да шепотат, а камоли да кажат дека Делчев е Македонец“,
нагласува Мицкоски во статусот во кој најавува поддршка за зголемувањето на минималната плата.