На гробот на Делчев во Скопје почит му оддадоа претседателот Стево Пендаровски, делегацијата на Собранието, владината делегација, делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со лидерот Христијан Мицкоски, како и претставници на општини, здруженија и граѓани. Во 13 часот, пак, цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје ќе положат и делегации од Бугарија
По повод одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, корифејот на македонското ослободително движење и на борбата за независна држава, многубројни делегации положија цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Почит му оддадоа претседателот Стево Пендаровски, делегацијата на Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски, владината делегација составена од првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.
На гробот на Гоце Делчев цвеќе положија и претставници на Армијата, делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Христијан Мицкоски, како и претставници на Светскиот македонски конгрес, Матицата на иселениците, претставници на општини, здруженија но и граѓани.
Во 13 часот цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје ќе положат и делегации од Бугарија. Бугарската делегација во земјава ќе ја предводи шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, која ќе положи цвеќе на централната свеченост по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, заедно со македонската министерка за култура Бисера Костадинова-Стојчевска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
Во состав на бугарската делегација, како што потврдија за МИА од бугарското МНР, ќе бидат и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова, и претседателот на парламентарната комисија за култура Тошко Јорданов.
Одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Делчев продолжува напладне во НУ Музеј на македонската борба, каде што претседателот Стево Пендаровски ќе ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-2022)“, што ја организира Државниот архив на Северна Македонија, а е под покровителство на шефот на државата.
Изложбата ги прикажува дејствувањето и улогата на Гоце Делчев како организатор на македонското револуционерно национално ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век, односно како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација.