Лекциите како „Тимјаник“ очигледно се повторуваат без да се научат. Проблемот не е и не може да биде во децата со попреченост. Проблемот е во синдромот на нечовечност кој безобѕирно се манифестира и врз најневините, реагираа од Хелсиншкиот комитет за случајот со малата Ембла од Гостивар за која родители покренале петиција дека не сакаат да ги пуштаат своите деца во исто одделение со девојчето со Даунов синдром

Ембла Адеми, 11-годишното девојче Гостивар, повторно седна во училишните клупи откако на првиот ден од второто полугодие не беше во можност зашто родители на други деца ја бојкотирале наставата, бидејќи не сакале нивните деца да учат со неа. Ембла има Даунов синдром, а бојкотот на родителите бил бидејќи се жалеле на агресивност. Тие покренале петиција во која напишале дека одлуката да не ги пуштаат своите деца на настава ја донеле „поради попречување на наставата од страна на ученичката Ембла Адеми и поради агресивност“.
Во сторијата што ја објави ТВ Клан вчера директорот на училиштето „Башкими“, каде што учи Ембла, Зијадин Нуредини, кажа дека се договориле со родителите на Ембла таа „да циркулира и да ротира во три паралелки“ за да не остане само во една училница.
Утрово, пак, министерот за образование и наука Јетон Шаќири преку Фејсбук соопшти дека Ембла повторно е меѓу соучениците. Овој случај тој го посочи како пример дека во нашето општество се уште постојат стереотипни размислувања и предрасуди за луѓето со посебни потреби.
„Среќата во очите на Ембла е наша заедничка среќа. Победа на општеството и на вистинските човечки вредности. Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други. Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме, да создадеме услови во кои секое дете ќе го развива и ќе го реализира својот полн потенцијал. Да докажеме дека подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем е наш врвен приоритет и процес кој ќе продолжиме да го спроведуваме. Драга Ембла, ти посакувам успех во понатамошната едукација. Застанувам зад тебе во секоја следна битка!“,
напиша Шаќири на својот фејсбук-профил.
За случајот реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права во земјава од каде што најавија дека подготвуваат претставки и дописи до повеќе институции со кои бараат Општината Гостивар итно да го разреши директорот на училиштето во Гостивар кој, како што наведува – „дозволил ваков развој на настаните и крајно дискриминаторски третман кон малата Ембла“.
„Петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на нашето општество кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас. Вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над основните принципи на солидарност и емпатија. Раководството на образовната установа во Гостивар со своите дејствија се приклучило кон дискриминаторите, наместо да се стави во заштита на едно дете, за чија инклузија има не само морална, туку и законска обврска“,
наведува Хелсиншкиот комитет во реакцијата за овој случај.
Оттаму бараат МОН и од Државниот просветен инспекторат да извршат надзор во училиштето и да ги преземат сите мерки за да ја заштитат ученичката, како и да ги обезбедат сите услови за нејзина инклузија во наставата, а од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која веќе најави постапување по службена должност, Хелсиншки бара повратно да информира за сите сознанија до кои ќе дојде при работата на овој случај.
Според Хелсиншкиот комитет, санкциите и институционалниот одговор се неопходни, но не се доволни за да се искоренат дискриминаторските практики кон лицата со попреченост.
„Токму затоа, сите споменати чинители мора да се вклучат во изнаоѓање решенија кои ќе спречат повторување на вакви случаи, преку континуирани советувања и обуки наменети за родители, наставници и ученици, бидејќи лекциите како ’Тимјаник“ очигледно се повторуваат без да се научат. Бидејќи проблемот не е и не може да биде во децата со попреченост. Проблемот е во синдромот на нечовечност кој безобѕирно се манифестира и врз најневините“,
реагира Хелсиншкиот комитет.