Во однос на тензиите на руско-украинската граница, шефот на државата порача дека НАТО како Алијанса досега нема донесено одлука за борбено учество во Украина, но рече дека ние како земја членка сме должни да направиме подготовки за сите можни сценарија. Тој рече дека во случај на ескалација ставот е оти трупи на НАТО, вклучително и на нашата армија, ќе нема во Украина со оглед дека оваа земја не е членка на Алијансата, но објасни зошто се прават сите подготовки и за што конкретно станува збор
Актуелната политичка и безбедноста состојба во земјава е стабилна и засега нема индиции кои би довеле до загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на државата, е еден од заклучоците состанокот на Советот за безбедност, кој денеска заседаваше кај претседателот Стево Пендаровски, а на кој како редовни членови по првпат учествуваа премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Покрај за земјава, Советот дискутирал и за состојбата на Западен Балкан со оглед на случувањата во Босна и Херцеговина, но и за ситуацијата во Украина со оглед на нашите обврски како земја членка на НАТО.
„Во однос на состојбите во регионот на Западен Балкан, Советот заклучи дека со засилената дипломатска активност и поинтензивното присуство на меѓународната заедница во последниот период, тензиите се делумно намалени, тука мислиме пред сè на Босна и Херцеговина, при што е отворен простор за повторно воспоставување на дијалогот како единствен начин за надминување на проблемите“,
рече Пендаровски по состанокот.
Во однос на тензиите на руско-украинската граница, шефот на државата порача дека НАТО како алијанса досега нема донесено одлука за борбено учество во Украина, но рече дека ние како земја членка сме должни да направиме подготовки за сите можни сценарија.
„Имајќи предвид дека станува збор за две држави кои граничат со т.н. евроатлантска зона на одговорност, Северна Македонија како членка на НАТО беше должна да ги направи сите неопходни подготовки за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните во наредниот период во тој дел од светот. Во таа смисла ги поздравуваме дипломатските напори кои се одвиваат на различни нивоа кои ги преземаат главните фактори на меѓународната заедница со кои им се дава шанса на дијалогот и на преговорите, а не на оружјето и воинствената реторика. Во таа смислам, во тој дел на светот има мали сигнали, засега симболични знаци за деескалација на реториката во изминатите неколку денови, но сè уште е рано за прогнозирање како ќе се одвиваат настаните понатаму затоа што во моментов тој дел од светот сè уште останува потенцијално високоризична зона“,
рече Пендаровски.
Тој рече дека во случај на ескалација ставот е оти трупи на НАТО ќе нема во Украина со оглед дека оваа земја не е членка на Алијансата, но објасни зошто се прават сите подготовки и за што конкретно станува збор.
„Украина има партнерски однос со НАТО, но не е членка на Алијансата. На билатерална основа може да помагате, меѓутоа трупи на НАТО, вклучително и наша војска, нема да видите во борбени дејствија на украинска територија во случај таму тензиите да бидат до ниво на отворен конфликт. Значи, тоа е нашиот став. Но, зошто го правиме ова досега? Постои една фраза во НАТО, се нарекува генерирање на сили. Секоја сериозна организација и секоја организација која има силна милатерална компонента во себе, а НАТО е тоа, во случај на кризи на своите граници кои може да ескалираат во нешто покрупно е должна да изработи неколку сценарија. И тие велат: ’Во случај да има вакво ниво на конфликт, што вие ќе понудите како членка на НАТО, на што сте обврзани‘. Значи, само во таа смисла се зборува за подготвеност или кревање на нивото на мобилност на Армијата. Но, не е, ниту било ниту ќе биде, во смисла да се учествува со борбени трупи на територија на држава која не е членка на Алијансата“,
објасни Пендаровски.
На состанокот кај шефот на државата како редовни членови, покрај премиерот Ковачевски и министерката Петровска присуствуваа и: Талат Џафери – претседател на Собранието; Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи; Бујар Османи – министер за надворешни работи; Ненад Марковиќ – професор на Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“; Ветон Љатифи – професор на Универзитетот на Југоисточна Европа; и Трајан Гоцевски – поранешен министер за одбрана и универзитетски професор.
На покана на претседателот, дел од состанокот беа и: Еролд Муслиу – директор на Агенцијата за разузнавање; Виктор Димовски – директор на Агенцијата за национална безбедност и генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски – началник на Генералштабот на Армијата.