„Со нова енергија и силна заложба ќе работам за деценискиот сон на сите генерации да стане реалност“, рече Маричиќ на денешното примопредавање на вицепремиерската функција за европски прашања
Досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ денеска во ресорното Министерство му ја предаде должноста на својот наследник, универзитетскиот професор Никола Тупанчески, и му посака успех во извршувањето на функцијата, со уверување оти темпото за спроведување на реформите кои се клучни за евроинтеграциите на земјава ќе продолжи.
„Во изминатиот период, со Стратегијата за реформа во правосудниот систем 2017-2022 и реализирањето на законодавната агенда направивме чекор напред во функционирањето на правосудството. Верувам дека ќе продолжи темпото на спроведување на реформите, бидејќи од суштинско значење за напредокот на државата и за евроинтеграцискиот процес се оценките кои доаѓаат токму од правосудството“,
напиша на својот фејсбук-профил Маричиќ, кој во новата влада ќе ја извршува функцијата вицепремиер за европски прашања.
Со објава на Фејсбук, Маричиќ се огласи и по преземањето на вицепремиерската функција за европски прашања, што му ја предаде досегашниот вицепремиер Никола Димитров.
„Низ разговор со досегашниот вицепремиер Димитров ги потврдивме позициите на земјата на патот кон полноправно интегрирање во европското семејство. Со нова енергија и силна заложба ќе работам за деценискиот сон на сите генерации да стане реалност“,
напиша новиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ.