Околу половина од домашната популација е загрижена од кражба на идентитетот и станување жртва на измама со користење банкарска картичка, а над една петтина (16 проценти) биле жртва на кибернасилство, најмногу преку откривање на штетен софтвер (29,3 проценти), покажува последното испитување на јавното мислење за примена на мерки за безбедност на интернет на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Во однос на заштитата на приватноста при користење интернет, 50,3 проценти од испитаниците рекле дека инсталирале антивирусна програма во последните неколку години.
Над 50 проценци се спремни да пријават во полицијата
Во однос на преземање мерки при доживување криминал, над половина од испитаниците би повикале полиција во случај на кражба на идентитет, наидување на материјал со детска порнографија или измама со користење на банкарска картичка.
Ако добавувач изврши измама при електронско купување на веб-страница би се обратиле 3,5 проценти од испитаниците, а 36,1 проценти при хакирање на социјална мрежа.
Кога станува збор за заштита на детето од вознемирување на интернет, најголем дел (35,7 проценти) рекле дека би разговарале со него во врска со ризиците од употреба на интернет и би ги следеле неговите активности (32 проценти). Една петтина од анкетираните, пак, навеле дека би го ограничиле времето за интернет.
Како што покажува анкетата, со кибербезбедноста се запознаени 60 проценти од популацијата, од кои најмногу испитаници од источниот и североисточниот регион со околу 70 проценти. Помеѓу машките и женските испитаници не постои разлика во однос на запознаеноста со кибербезбедност.
Граѓаните преферираат да одат во банка отколку да плаќаат „онлајн“
Електронските плаќања се застапени кај 33 проценти од домашната популацијата, од кои најмногу кај испитаниците од вардарскиот и југозападниот регион. Не постојат разлики помеѓу користење во однос на полот и средината, но постојат во однос на националноста, возраста, економскиот статус и образованието. Најмногу се користат кај испитаниците од возрасна група од 35 до 39 години (53,6 проценти), кај самовработените испитаници (64,1 проценти) и кај студентите (79,2 проценти).
Од 67 проценти испитаници кои не користат електронско банкарство, најголемиот дел (22,4 проценти) преферираат одење во банка, односно 22,6 проценти се чувствуваат покомотно во банките. Корисниците на електронско банкарство генерално го користат од еднаш до три пати месечно. Четириесет проценти од испитаниците користат електронски плаќања од еднаш до три пати на месечно ниво. Над половина од испитаниците, пак, прават електронска трансакција на веб-страницата што добро ја познаваат, а само 6,8 проценти ја проверуваат URL-адресата. Загриженоста во врска со безбедноста при овие процеси е со голем интензитет.