Ако заклучокот дека отстранувањето на блокадата за Северна Македонија не треба да се врзува со рокови е порака до премиерот Петков, неспоменувањето промени во Уставот на РСМ (сега и веднаш) е, дефинитивно, отстапка од претседателот Радев
Употребата на фразата „во преговарачкиот процес“, а не „во Преговарачката рамка“ може да се чита како уште една можна отстапка од бугарска страна, бидејќи овој аспект, исто така, беше меѓу оние што досега го кочеа процесот
„Партиите и Радев го оладија ентузијазмот на премиерот Петков за Северна Македонија“. Ова е еден од насловите во бугарските медиуми по денешното петиполчасовно заседание на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНБ) кај претседателот Румен Радев. Главниот аргумент за ваквите оценки е втората од седумте препораки до извршната и законодавната власт во Софија што произлегоа од состанокот. Таа гласи:
„Давањето согласност за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија (РСМ) во Европската Унија (ЕУ) не треба да биде врзано со рокови, туку со постигнување реални резултати, вклучително и во однос на правата на македонските Бугари“.
Јасно е, оценуваат некои колеги во Софија, дека ова е директна реплика за шестмесечниот рок за можен пробив за кој претходно во неколку јавни настапи зборуваше премиерот Кирил Петков. Кога кон ова ќе се додаде и препораката број еден во која се бара од Владата да ги почитува барањата од Договорот за добрососедство, Декларацијата на 44. Народно собрание и од Рамковната позиција од 2019 година, заклучокот за оладениот ентузијазам на Петков, се чини, повеќе од издржан.
Што не пишува, а треба да „прочитаме“
Но, ако заклучоците од денешниот Совет за безбедност што ги прочита Радев ги читаме меѓу редови, ќе откриеме неколку важни ненапишани пораки.
Првата е дека нема експлицитно барање за промена на Уставот на Република Северна Македонија заради вметнување на Бугарите меѓу конститутивните народи, како услов за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ. Во заклучоците, на неколку места, се споменуваат правата на македонските Бугари, па и како дел од Копенхашките критериуми, но никаде нема инсистирање на уставни промени. Барем не сега и веднаш.
Ако препораката дека отстранувањето на блокадата за Северна Македонија не треба да се врзува со рокови е порака до Петков, неспоменувањето промени во Уставот е, дефинитивно, отстапка од Радев. И тоа не може да не се забележи, особено што бугарскиот претседател имаше серија изјави во кои многу јасно инсистираше на тоа.
Ова, пак, не значи дека темата за вклучување на Бугарите во Уставот на РСМ треба да остане „ад акта“ засекогаш и дека во одреден момент такво нешто не треба да се случи. Но, значи „отстранување“ можна голема пречка за почеток на преговорите за членство во релативно краток период, бидејќи трофазната процедура за усвојување уставни амандамни трае долго, а и прашање е дали има двотретинско мнозинство за такво нешто во овој собраниски состав кај нас.
Проблемот со изоставањето на вакво барање е како ќе се мери „постигнување реални резултати, вклучително и во однос на правата на македонските Бугари“. Властите во Скопје ќе треба добро да размислат како да го направат тоа (и мерливо).
Нема Рамка, има процес
Втората ненапишана, а важна порака од заклучоците од денешното заседание на Консултативниот совет за национална безбедност на Бугарија треба да се бара во препораката број три:
„Извршната власт (Владата) да продолжи да работи за известување за спроведувањето на Договорот (за добрососедство, н.з.) од 2017 г. во преговарачкиот процес на РСМ во ЕУ“.
Бугарија досега инсистираше на вметнување на билатералниот договор и следењето на неговото спроведување во Преговарачката рамка за Република Северна Македонија. Употребата на фразата „во преговарачкиот процес“, а не „во Преговарачката рамка“ може да се чита како најава за уште една можна отстапка од бугарска страна, бидејќи овој аспект, исто така, беше меѓу оние што досега го кочеа процесот.
Не само што властите во Скопје не беа согласни со „билатерализација“ на пристапните преговори, туку и земји членки на ЕУ, меѓу кои и највлијателните, одбиваа таков пристап во Преговарачката рамка за РСМ. Креативните идеи на германското и португалското претседателство со Советот на ЕУ, со индиректно вклучување на билатералното прашање во преговарачкиот процес (Рамка) преку процесот за стабилизација и асоцијација, може повторно да се вратат како излезно решение.
Поддршка од Борисов за Петков
Следните недели и месеци ќе покажат дали денешниот совет за безбедност беше свикан за да се бетонира ветото (какви што се мнозинството извештаи) или за „незабележано“ да се подотвори вратата за негово тргање.
На позитивното читање на денешните заклучоци може да се опонира со фактот дека и денеска се потврдени Декларацијата на 44. Народно собрание и Рамковната позиција од 2019 г., кои се сметаат за основа на проблемот. Но, упатени во македонско-бугарските односи велат дека ни тие не се впишани во камен за да не може да се сменат во еден момент, ако е потребно.
Притоа, потсетуваат на интервјуто на експремиерот Бојко Борисов, чија влада го стави ветото, дадено пред Нова година за „24 часа“, во кое и порачува на владата на Кирил Петков:
„Спремни сме, тие да направат отстапки, нашата влада да направи отстапки, да влезат во парламентот и ние да ги поддржиме“.